Фото: Пекселс

Едно лице починало во болница во холандската покраина Утрехт откако било заразено со вирусот западен Нил, соопшти холандскиот јавен радиодифузен сервис НОС, повикувајќи се на Националниот институт за јавно здравје и животна средина (РИВМ).

Ова е прв регистриран смртен случај од западнонилска треска во Холандија по шест години. Вирусот годинава е потврден и во покраините Северен Брабант и Јужна Холандија, а двајца заразени пациенти во моментов се лекуваат во болница.

Минатата недела вирусот за првпат од 2020 година беше детектиран во Холандија, кај крводарител од Утрехт кој немал патувано во странство. Засега не е потврдено дали станува збор за истото лице кое починало.

Западнонилската треска најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец, а вирусот може да ги зарази луѓето, коњите и птиците. Кај околу 80 проценти од заразените не се појавуваат симптоми, додека кај приближно 19 проценти се развиваат симптоми слични на грип. Кај околу еден процент од заразените може да се појави тешка форма на болеста со невролошки симптоми.