Фото: МВР

Околу 300 кандидати ќе бидат примени во повторно воспоставеното Средно полициско училиште, иако првично беше предвидено место за 200 ученици, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пренесе МИА.

Тој во гостување во утринската програма на Телевизија Алфа информираше дека по направените анализи и консултации со Министерството за финансии, Владата донела одлука да бидат примени сите кандидати кои успешно ги поминале селекциите, проверките и елиминационите критериуми.

Според Тошковски, од над 600 пријавени кандидати, околу 300 ги исполниле условите во однос на образованието, оценките, поведението, физичките и здравствените карактеристики.

Средното полициско училиште повторно започнува со работа од 1 септември, по пауза од 26 години. Учениците ќе го продолжат образованието во трета и четврта година, а оние кои успешно ќе го завршат училиштето ќе бидат дел од системот на Министерството за внатрешни работи, согласно договорите што ќе ги склучат со МВР.

Тошковски оцени дека големиот интерес покажува дека младите имаат желба професионалната иднина да ја градат во полициската служба и во заштитата на безбедноста на граѓаните.

Во интервјуто тој се осврна и на резултатите од системот „Безбеден град“, особено на санкционирањето на сообраќајните прекршоци со возила со странски регистарски таблички. За само шест дена, како што информираше, биле доставени и наплатени околу 11.500 казни во вредност од приближно 8,5 милиони денари.

Тошковски нагласи дека целта на системот не е наплатата на казните, туку зголемувањето на безбедноста и спасувањето човечки животи.

Како показател за ефектите од „Безбеден град“, тој го посочи намалувањето на бројот на жртви во сообраќајни несреќи. Заклучно со крајот на август минатата година биле регистрирани 96 жртви, додека во истиот период годинава бројката е 58.

Системот продолжува да се проширува и надвор од Скопје. Според најавите, во првата половина на септември треба да започне неговата примена на подрачјето на СВР Велес, а до крајот на месецот и во СВР Охрид. Потоа ќе следуваат СВР Струмица и СВР Штип, а се планира имплементација и на подрачјето на СВР Битола.

Тошковски информираше и за подобрувања во работата на управните служби на МВР, посочувајќи дека се надминати проблемите со недостигот на обрасци и долгите гужви. Најави и реконструкција на управните служби во Струмица и Велес, како и дополнителна децентрализација на услугите.

Како следен поголем проект го најави и производството на лични карти, возачки дозволи и патни исправи во Македонија. Министерството веќе контактирало со повеќе светски компании, со цел привлекување странска инвестиција и отворање производствен погон во земјата.

Според Тошковски, целта е во следните една до две години Македонија да има домашно производство на лични документи, вклучително и македонски пасош произведен во земјата.