Фото: МОН

Бројот на ученици во македонските училишта продолжува да се намалува, што годинава се одразува и врз бројот на паралелки. Министерката за образование и наука Весна Јаневска информираше дека во основното образование има речиси 200 паралелки помалку, додека во средното образование бројот е намален за околу 100 паралелки, пренесе МИА.

Според Јаневска, намалувањето е дел од процесот на оптимизација на училишната мрежа, кој се спроведува поради намалениот број на ученици, но и со цел да се обезбедат подобри услови за нивно образование и социјализација.

-Во моментот имаме речиси 200 паралелки помалку во основното образование и 100 паралелки помалку во средното образование – изјави Јаневска.

Министерката посочи дека оваа година се очекува природно да бидат затворени 26 рурални училишта во кои нема запишано првачиња и во кои, според неа, учат само од пет до осум деца.

Како една од причините за намалувањето на бројот на паралелки се издвојува и демографскиот пад. За учебната 2026/2027 година досега се запишани околу 14.500 првачиња, но бројката не е конечна бидејќи уписот на децата кои задоцниле со пријавувањето трае до крајот на септември.

Јаневска оцени дека одржувањето на многу мали паралелки, особено во руралните средини, не секогаш овозможува квалитетно образование и социјализација на учениците. Таа посочи дека во одредени училишта има комбинирани паралелки во кои ученици од повеќе одделенија следат настава заедно.

Според министерката, комбинираната настава ќе продолжи само во случаи кога тоа е неопходно, односно кога руралното училиште е на поголема оддалеченост од најблиското централно училиште.

-Ако имаме централно училиште во кое има 200 деца, а на 2,5 километри имаме училиште во кое има 18 деца, нема логика да ги чуваме овие 18 деца заробени во тоа училиште – рече Јаневска.

Таа нагласи дека намалувањето на бројот на паралелки засега не значи отпуштање на наставници кои се вработени на неопределено време. Како решение за вишокот кадар во дел од училиштата се најавува воведување целодневна настава, со што наставниците би биле ангажирани во подолг престој на учениците во училиштето.

Истовремено, во одредени скопски општини, меѓу кои и Аеродром, според Јаневска има недостиг од наставен кадар и се очекуваат нови вработувања.