Фото: Влада

Силна поддршка за американскиот претседател Доналд Трамп и за неговата администрација, изрази македонскиот премиер Христијан Мицкоски во интервју за „Брајтбарт њуз“, со акцент на намерите стратешкиот дијалог со Вашингтон да се претвори во конкретни резултати во безбедноста, енергетиката, инфраструктурата, трговијата и инвестициите.

Според Мицкоски, поддршката за Трамп од македонската влада почнала уште пред тој повторно да биде избран за претседател на САД, а Македонија била меѓу првите европски земји што воспоставиле контакт со луѓе од тимот на Трамп уште во текот на неговата изборна кампања во 2024 година. Премиерот во интервјуто вели дека веднаш по самитот на НАТО во Вашингтон во јули 2024 година, Македонија била посетена од тим соработници на Трамп. Македонската влада уште тогаш испратила јасна порака дека е подготвена за продлабочување на соработката со САД. По изборот на Трамп за претседател, беше испратена владина делегација на неговата инаугурација во Вашингтон, што било уште една можност да се потврди поддршката за новата американска администрација и да се разговара за идната соработка.

– Дури и пред да стане претседател на САД, некои од луѓето кои се дел од неговиот најблизок периметар нè посетија и за време на кампањата кога немаше премногу европски нации кои веруваа дека Трамп ќе стане претседател. Бевме избрани како влада во јуни 2024 година. Веднаш по самитот на НАТО во Вашингтон во јули 2024 година, тим од соработници на претседателот Трамп нè посети во владата и практично во тоа време бевме единствената влада што ги прими членовите на тимот на претседателот Трамп. Меѓу нив беа секретарот за трговија Хауард Лутник, Девин Нунес, поранешен член на Конгресот, и Крис Павловски, сопственик на „Рамбл“, кој има македонско потекло. Тие нè посетија во владата, а ние пренесовме силна порака за поддршка на Трамп пред да стане претседател. Потоа, кога беше избран за претседател, бев поканет на церемонијата на инаугурација и делегација од македонската влада го посети Вашингтон во тоа време, па ја пренесовме нашата порака за поддршка и подготвеност за зголемување на идната соработка – вели Мицкоски.

Тој нагласува дека поддршката на Трамп во Македонија е многу висока, повисока од каде било во Европа, и дека со задоволство би го пречекал Трамп во земјава доколку распоредот на американскиот претседател го дозволува тоа.

– Со задоволство ќе го угостам на највисоко ниво. Тој ќе ја ужива поддршката од македонските граѓани. Кога ќе има слободен временски термин во својот распоред, ние ќе бидеме многу задоволни да го угостиме доколку одлучи да го посети регионот, бидејќи, како што реков, како не толку многу сојузници во Европа, ние сме земја која без сомнение дава поддршка кога станува збор за администрацијата на претседателот Трамп. Дури и многу поодамна, и пред тој официјално да стане претседател, кога немаше премногу земји во Европа кои веруваа дека тој ќе ја победи Камала Харис за време на претседателската трка – вели премиерот.

Во интервјуто посочува и дека Македонија во повеќе наврати ги поддржувала позициите на САД во Обединетите нации, вклучително и за прашања поврзани со Иран, Венецуела и Куба.