Повод: Инцидент во затворениот центар за мигранти кај Синтики, Серес: Полициска интервенција на северот на Грција
Сериозен инцидент ја потресе Грција во текот на изминатиов викенд, откако во затворениот центар за привремено сместување баратели на азил во Синтики, во областа Серес, во егејскиот дел на Македонија, дојде до жесток судир меѓу мигранти и полицијата. Имено, група мигранти фрлале камења и други предмети кон грчките полициски сили, при што оштетиле дел од оградата на објектот и успеале да го пресечат жичениот појас, по што десетици лица избегале од центарот.
Според грчката полиција, во првичната фаза од инцидентот од објектот успеале да излезат 41 лице. Тројца биле веднаш совладани и уапсени, а дополнителни 14 лица биле пронајдени во околината и вратени во центарот. Вчера грчките медиуми известуваа за дополнителни апсења, па бројката на повторно приведени се менуваше во текот на денот. Американската агенција АП, повикувајќи се на официјални информации, извести дека во инцидентот биле повредени пет мигранти, додека полициските специјални единици користеле и шок-бомби за да ја ставaт ситуацијата под контрола.
Што точно се случувало во текот на изминатиов викенд?
Според реконструкцијата што ја објавуваат грчките медиуми, тензијата започнала нешто по 21 часот во саботата, 22 август. Група мигранти најпрво фрлале камења кон полицајците. Во продолжение дошло до оштетување на внатрешната ограда и до обид за масовно напуштање на објектот. Грчките власти испратиле засилување, а на местото биле ангажирани и специјални полициски единици. Интервенцијата траела до раните утрински часови. Во инцидентите биле оштетени делови од инфраструктурата на центарот, а според грчките медиуми штета претрпело и службено полициско возило. Пет лица биле повредени и пренесени во болница. Тројца по укажаната медицинска помош биле вратени во центарот, додека двајца останале на лекување. Важна забелешка е дека во првите часови имаше различни бројки во грчките извештаи — едни медиуми известуваа за 40, други за 41 лице што успеале да избегаат. Подоцнежната официјална полициска информација се фокусира на бројката од 41 лице, додека во некои подоцнежни извештаи бројот на оние што останале надвор од центарот се намалуваше поради новите апсења.
Центарот „Клуч“ – објект што веќе подолго време е жариште
Немилиот настан не се случи во „случаен“ објект. Центарот „Клуч“ во Синтики е затворена и контролирана структура во близината на бугарската граница. Во него престојуваат луѓе чии барања за азил се обработуваат, а според „Асошиејтед прес“ во моментот на инцидентот во објектот имало околу 450 лица. Центарот ја започнал сегашната фаза на работа во летото 2025 година. Грчките власти тогаш повторно го ставиле во функција како затворен објект за задржување мигранти. Но предупредувањата за состојбата во Синтики не се од вчера. Уште во јули годинава Здружението на полициски службеници од Серес предупреди дека објектот се приближува до границите на безбедно и нормално функционирање. Тоа е особено значајно ако се има предвид дека само неколку недели подоцна токму безбедносниот систем на центарот беше пробиен.
Од полициско предупредување до сериозен безбедносен инцидент
Во јули локалните полициски синдикати изразиле загриженост за условите во кои полицајците ја обезбедуваат структурата. Со други зборови, проблемот не се појавил во саботата вечер. Викендов беше само ерупција во отворена безбедносна криза.
Грчките медиуми во изминатиот период известуваа и за повторливи тензии, обиди за бегство и сериозни проблеми во центарот. Некои медиуми и организации за човекови права, пак, ги доведуваат во прашање условите во кои се држат барателите на азил. Грчкиот совет за бегалци уште претходно побара интервенција од народниот правобранител и инспекција на условите во објектот, по добиени поплаки од лица сместени таму. Наводите опфаќале проблеми со исхраната и условите на задржување. Токму тука инцидентот добива поширока политичка димензија што и Атина и Брисел, а и пошироката европска јавност треба да ги имаат предвид. П.Р.


































