Катче за родители
Наскоро доаѓа први септември. Новата учебна година е на прагот. Нов ранец, нова гардероба, нови патики, ново ќесе за моливи, нови тетратки… Но не мора секое дете да има сѐ ново. Некој првиот ден во училиште ќе дојде со сосема нова облека, а некој во онаа што ја носел и минатата година. Некој ќе има најнов телефон, некој пак ќе си носи ужинка од дома. И ништо од ова не зборува за карактерот на овие деца. Постојат и училишта во кои децата се натпреваруваат кој има поскапи патики, кој има поубав телефон, кој носи повеќе пари за ужина, кој што добил за почетокот на учебната година. За ова, децата не се виновни.
Тие само ги повторуваат постапките на возрасните, односно „препишуваат“ од она што опкружувањето им го нуди како вредност.
Некои деца умеат да бидат сурови, па да го проценат другарот според патиките, според облеката, по телефонот, по тоа колку пари му дале од дома, по тоа каде оди на летување. И умеат да му се потсмеваат на оној што има помалку. Тоа значи дека никој не ги научил што треба да гледаат.
Поради таквите постапки, некои родители мора да позајмуваат пари за на детето да му купат сѐ ново, не затоа што можат да си го дозволат тоа туку поради тоа што „сите имаат“. Сепак, поважно е да го научите детето дека не мора да се натпреварува и дека е во ред да немаш баш сѐ. Да знае дека неговата вредност не се мери според материјалните работи што ги поседува.
За жал, некои родители мислат дека се добри ако на детето му даваат повеќе пари и материјални нешта, додека за разговор, внимание и воспитување немаат време. Со пари можат да се купат многу работи, но не може да се купи родител.
Затоа децата мораме да ги учиме на сочувствителност, да не гледаат кој што носи, да не бројат кој колку има за ужина, да не се исмеваат кој какви патики има, да забележат кога некој седи сам, да поделат, да помогнат, да бидат добри другари.
И не смееме да дозволиме кое било дете да се чувствува помалку вредно затоа што го нема она што го има некое негово школско другарче. Не е важно кој што има, важно е детето да биде добар другар, а во иднина добар човек!
Драган Ковачевиќ
Превод од српски и адаптација: Филип Димкоски


































