Еден од најкултните филмови во современата македонска кинематографија „Џган“, по сценарио и во режија на Вардан Тозија, годинава одбележува 10 години од светската премиера, кога филмот за првпат беше прикажан на најстариот филмски фестивал во Чикаго. Јубилејот ќе биде одбележан утревечер, со проекција на филмот на летното кино „Синеплекс“ на отворената катна гаража во „Скопје сити мол“, со почеток во 20.30 часот. Веднаш по проекцијата ќе биде организирана интерактивна сесија разговори со филмската екипа на „Џган“ и публиката, а потоа ќе има дружење во чест на јубилејот.
– Кога денес го гледам „Џган“, не гледам филм од пред 10 години, туку приказна што не застарела во ниту еден кадар. Тоа е реткост, и признавам дека тогаш, кога го снимавме, не бев целосно свесен што сме направиле. Најголемата награда за мене, не е онаа од фестивалите, туку кога млад филмаџија ќе ми каже дека токму „Џган“ му бил инспирација. Затоа и по 10 години сакам новите генерации да го видат и да доживеат дека „Џган“ сè уште удира силно. Некои филмови стареат. Овој филм мислам дека само чека публиката повторно да го открие – вели продуцентот на филмот Огнен Антов.
Приказната на филмот следи низа свирепи околности, кои тивкото и повлечено момче го претвораат во суров и бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од Домот за деца без родители. Заедно, тие тргнуваат во слепа одмазда кон светот, зад ѕидовите на домот, кој им нанел само болка и страдање. Свет, во кој за нив постои само едно заедничко име – „Џган“. Македонски продуцент на филмот е „Дрим фектори“, копродуцент е „Ред хеликоптер филмс“ од Албанија. Филмот беше финансиски поддржан и од Агенцијата за филм и „Сее синема нетврок“. Главните улоги ги играат: Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. И актерите Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов, Мартин Живковски…
Под максимата „Никој не е роден насилен“, Вардан Тозија го напиша сценариото и ја потпиша режијата на филмот.


































