
ЏУДО – ЏФМ ДОБИ НОВО ГОЛЕМО ЕВРОПСКО ПРИЗНАНИЕ
- Вчера, во рамките на пригодната свечена церемонија во Бирмингем, претседателот Трпаноски официјално го презеде знамето на ЕЏУ, кое ќе биде донесено во Македонија како следна држава домаќин и организатор на шампионатот во 2027 година
Претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, и стручниот соработник во ЏФМ, Горан Мицкоски, викендов на покана од претседателот на Европската џудо-унија (ЕЏУ), Ласло Тот, престојуваа во Бирмингем (Велика Британија), каде што присуствуваат на првото Европско првенство (ЕП) за униформирани сили, а беа остварени и неколку работни состаноци со претседателот на ЕЏУ, поврзани со организацијата на ЕП следната година, информираат од ЏФМ.
По успешната организација на големите европски џудо-настани на ЏФМ, Европската џудо-унија повторно ѝ укажа голема доверба, доделувајќи ѝ ја организацијата на уште еден значаен европски шампионат. Станува збор за 2027 година, кога Скопје и Македонија ќе бидат домаќини на ЕП за униформирани сили.
Вчера, во рамките на пригодната свечена церемонија во Бирмингем, претседателот Трпаноски официјално го презеде знамето на ЕЏУ, кое ќе биде донесено во Македонија како следна држава домаќин и организатор на шампионатот во 2027 година. Ова претставува уште едно големо признание за досегашната работа на ЏФМ, за организациските капацитети што Македонија ги покажа на европската џудо-сцена и за континуираната доверба што ЕЏУ му ја дава на македонското џудо, велат од Џудо-федерацијата на Македонија.
Да се потсетиме само дека Македонија четврти пат во низа годинава беше домаќин на Европскиот јуниорски куп, а веќе на 19 и 20 септември следува и Европскиот сениорски куп, исто така, во Скопје. Лани, пак, ЏФМ имаше извонредно поглавје во Македонија, оти главниот град успешно организира некои од најголемите настани во европскиот календар за првпат, вклучувајќи ги Европското првенство за кадети и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), претседателот Трпаноски беше прогласен од Европската џудо-унија за „херој на годината“, како симбол на лидерство, визија и исклучителен придонес во развојот и промоцијата на европското џудо, а Џудо-федерацијата на Македонија ја доби престижната награда од ЕЏУ, за најдобар европски организатор за 2025 година. Г.И.

































