Фото: „Нова Македонија“

МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО

  • Уште од најраните зори на новата ера ова парче земја станало суштинскиот мост од старата во новата ера, оставајќи монументални материјални и духовни сведоштва што денес сочинуваат една од најбогатите културно-историски ризници на европско тло

Македонската земја не е само обичен географски простор во срцето на денешниот Балкански Полуостров туку претставува и света, вековна и историска почва врз која се втемелени самите почетоци на европската цивилизација, писменост и култура. Уште од најраните зори на новата ера ова парче земја станало суштинскиот мост од старата во новата ера, оставајќи монументални материјални и духовни сведоштва што денес сочинуваат една од најбогатите културно-историски ризници на европско тло. Грандиозното праисториско, античко, библиско, ранохристијанско и средновековно наследство во себе крие исклучителен потенцијал за сеопфатен развој на поклоничкиот, религискиот и културниот туризам, создавајќи директни можности за одржлив економски раст, отворање нови работни места и заживување на локалните заедници низ целата земја. Сепак, вистинското искористување на овие вредности мора најпрво да започне одвнатре: неопходно е македонскиот народ суштински да го запознае, разбере и вреднува сопственото автентично минато. Само преку градење силна колективна свест и едукација за сопствените корени, ова вековно наследство може да престане да биде само пасивен спомен и да прерасне во вистински двигател на националната самодоверба, меѓународната промоција и идниот просперитет.
Постојат места на земјата каде што историјата не е само запис на хартија туку е врежана и во почвата, камењата, воздухот и вечноста. Пред две илјади години еден човек имал визија што засекогаш го променила текот на историјата. Во својот сон, Свети апостол Павле видел Македонец од Македонија, кој го замолил: „Дојди во Македонија и помогни ни!“ Тоа не било само повик за помош. Тоа е мигот кога христијанството тропнало на портата на Европа. А таа порта била отворена преку нашата Македонија. Со покрстувањето на Света Лидија Македонка, која прва го примила христијанството, Македонија станала духовната порта на Европа.

Археолошките локалитети на територијата на Македонија откриваат ранохристијански цркви, извонредни мозаици и исклучителна архитектура од раното христијанство и доцната антика. Според официјалниот наратив, христијанството влегло во Македонија само неколку децении по распнувањето на Господ Исус Христос, факт потврден дури и во Библијата. Во светата книга на христијанството, Библијата, Македонија се споменува околу 30 пати, во зависност од преводот. Во Дела 16:9 од Новиот завет можеме да прочитаме дека Свети апостол Павле имал визија во која еден Македонец го повикал во Македонија за да му помогне на македонскиот народ.
Црквите во Македонија, од најраните времиња на христијанството, и значајните базилики од четвртиот век, кога под власта на Константин христијанството станало официјална религија, се многубројни и пленат со својата автентичност. На археолошката карта на Македонија, во книгите и научните дела поврзани со раното христијанство и доцната антика, можеме да наведеме неколку стотици потврдени остатоци од ранохристијански базилики. Древните крстилници, мозаици и архитектура претставуваат најпрефинети ранохристијански градби, храмови и градови.
Низ вековите подоцна, Светиот цар Јустинијан, родум од Македонија, оставил длабока трага во историјата на човештвото. Во вековите по него, Македонија повторно станала центар на духовна и писмена револуција. Овде, на бреговите на вековното Охридско Езеро, Светите Климент и Наум Охридски – учениците на Светите Кирил и Методиј – го создале најстариот универзитет во Европа. Охрид не е обичен град и не попусто е нарекуван Рим на Балканот и Ерусалим на Европа. Со своите 365 цркви — по една за секој ден во годината — градот на светлината зрачел со писменост, култура и верба во Евангелието и надеж за Второто пришествие. Од ова парче земја, зборот со божествена убавина отпатува низ светот, облагородувајќи милиони души преку духовното срце на Македонија.

Македонските манастири, скриени во пазувите на планините, со векови се чувари на духовноста, тврдини на опстанокот каде што молитвите не престанале. Фреските во Македонија, од кои се дел препознаени како прото ренесанса, не се само уметност туку и жив спомен на верата, надежта и љубовта. Да не заборавиме дека под или во близината речиси на секој денешен град во Македонија има остатоци од цркви што датираат од најраните времиња на христијанството. Нашата вера рисјанска е причината поради која Македонците опстанале при сите окупации низ вековите. Денес Македонија стои на крстопатот на времињата. Мала по територија, но грандиозна по својот духовен код, таа не е само географски дел од Европа, таа е нејзината духовна порта – местото каде што започна приказната што го обликуваше целиот наш свет.
Низ вековните историски бури, окупации, премрежиња и обиди за бришење на идентитетот, длабокиот духовен и културен код на Македонија се покажа како најсилниот бедем за физичкиот и духовниот опстанок на нејзиниот народ. Трансформацијата на ова непроценливо богатство во конкретна економска вредност бара стратешка институционална поддршка, модернизирање на инфраструктурата и креирање светски препознатливи поклонички рути што ќе привлечат илјадници посетители од сите страни на светот. Кога Македонците ќе застанат со целосна почит и знаење зад сопственото сакрално богатство, Македонија не само што ќе го зачува и заштити својот автентичен идентитет туку и би можела да ја зацврсти својата природна позиција на светската мапа како вечна духовна порта на Европа – земја каде што вербата за подобро утре, историјата и културата можат да отворат реални перспективи за подобар живот на идните генерации.

м-р Никола Ристевски

(продолжува)