Јане Алтипармаков

ЛУЃЕТО ЗАД „КИНОНОМА“ – ИНТЕРВЈУ СО ЈАНЕ АЛТИПАРМАКОВ, РЕЖИСЕР И ФИЛМСКИ КРИТИЧАР

Зад секој број на „Кинонома“ стојат луѓе што, секој на свој начин, ја градеа приказната. Некои со своите текстови, некои со идеите, а некои едноставно со својата страст кон филмот. Јане Алтипармаков е еден од нив. Но неговиот однос кон филмот не завршува со пишувањето за него. Како филмски критичар, тој го набљудува и го анализира филмот, а како режисер се обидува самиот да го создаде.
Токму таа двојна перспектива – да се биде истовремено пред и зад филмското платно – го прави разговорот со него особено интересен. На наше големо задоволство, разговараме за неговото искуство како соработник, за критиката и режијата, за филмовите што го определиле неговиот поглед кон киното, но и за патот што допрва следува.

Како започна твојата приказна со „Кинонома“ и што ти значи фактот што денес, кога списанието го објавува својот 100-ти број, можеш да погледнеш наназад и да се сетиш на времето кога стана дел од него?
Мојата приказна со „Кинонома“ ја доживувам како дел од една поширока, долгогодишна врска со филмот, филмската мисла и потребата киното да се набљудува и третира како простор за критичко и општествено промислување. Кога човек ќе помине доволно долго време во филмската култура, списанијата, фестивалите, кинотеките, разговорите за филмот стануваат своевиден паралелен живот. „Кинонома“ е дел од тој живот.
Стотиот број е убав повод да се погледне наназад и да се сфати колку време всушност поминало.
Уште поважно, тој е доказ дека еден филмскиот прилог може да опстои и покрај сите промени низ кои поминува културниот простор. Во време кога начинот на гледање филмови радикално се измени, кога критиката во голема мера се пресели на интернет и кога вниманието стана една од најдефицитарните вредности, достигнувањето до стотиот број има посебна тежина.
За мене „Кинонома“ е исклучително важен проект затоа што припаѓа на традицијата во која пишувањето за филмот не се сведува само на препознавање добри и лоши филмови.
Критиката, барем онаа што мене ме интересира, треба да се обиде да проникне под површината на филмот, да ги открие неговиот внатрешен механизам, неговите идеи, противречности и скриени значења. Токму во таа потреба за подлабоко читање ја гледам и смислата на занимавање со оваа дејност.

Ти си и филмски критичар и режисер. Дали искуството во критиката ти помага подобро да режираш или, напротив, режирањето те натера поинаку да ги гледаш и да ги анализираш филмовите на другите?
Мислам дека, во суштина, едното искуство постојано го коригира другото. Критиката ме научи да гледам внимателно, а режирањето ме научи колку е сложено она што однадвор може да изгледа едноставно. Кога пишуваш критика, имаш можност да го стопираш филмот, да се вратиш назад, да ги анализираш сцената, кадарот, монтажата, звукот, актерската игра и драматургијата. Кога режираш, сето тоа мора да функционира во жив процес, во конкретно време и со конкретни ограничувања.
Токму затоа режирањето ми ја направи критиката посложена, но и потолерантна на некој начин.
Денес многу повеќе размислувам за намерата зад одредено решение, за ризикот што авторот го презел и за околностите во кои филмот настанал. Мислам дека добрата критика не треба да биде само суд; таа треба да биде и обид за разбирање, за навлегување во авторската намера и во внатрешната логика на делото.
Од друга страна, критичарското искуство несомнено ми помага како режисер. Низ годините на активно гледање филмови човек несвесно создава еден внатрешен филмски јазик. Ги препознава решенијата што веќе ги видел, но истовремено станува свесен и за опасноста од нивно повторување. Затоа за мене режијата не е само прашање како и зошто да се сними нешто, туку и како да се избегне она што веќе е снимено илјада пати.

Кога би требало да го опишеш својот филмски вкус, кои режисери, филмови или автори би ги издвоил како најважни за тебе? И, гледајќи наназад кон својот критичарски опус, на која рецензија особено се гордееш или која ти е лично најдрага – и зошто токму таа?
Мојот филмски вкус е формиран од автори кај кои филмот никогаш не е само приказна. Ме привлекуваат режисери што преку формата, ритамот, композицијата, звукот и структурата создаваат сопствен свет. Кјубрик несомнено е еден од најважните автори за мене, како и Тарковски, Линч, Вим Вендерс, Џармуш, Годар, Тери Гилијам, Бела Тар, Гаспар Ное и низа други автори, чии филмови не завршуваат со одјавната шпица, а нивното влијание не исчезнува со текот на времето.
Ме интересира киното што не му се додворува на гледачот. Филмот што бара учество, што остава простор за толкување и отвора прашања. Затоа еднакво ми се важни и филмовите што го менуваат начинот на кој ја гледаме реалноста и оние што ја поместуваат самата граница на филмскиот јазик.
Кога станува збор за мојот критичарски опус, тешко ми е да издвојам една единствена рецензија, затоа што секој текст е поврзан со одреден период, со одредена мисла и со мојот тогашен однос кон филмот. Особено ми се драги текстовите во кои сум успеал да направам чекор подалеку од самата анализа на филмот и да го искористам делото како повод за размислување за единката, историјата, меморијата, вината, осаменоста, слободата или за распаѓањето на современиот субјект.
Во таквите текстови филмот престанува да биде само предмет на анализа и станува своевидна призма низ која може да се чита светот. Токму тој пристап најмногу ми одговара и како критичар и како автор.

По толку години гледање, пишување и размислување за филмови, што денес најмногу те привлекува во киното? Дали сè уште постои нешто што може да те изненади како гледач и да те натера да кажеш: „Токму затоа ги сакам филмовите“?
Апсолутно. Можеби токму тоа е најубавата работа во целава приказна. По толку години човек може да стане заситен од премногу филмови, да почне однапред да ги препознава драматуршките конструкции, жанровските правила и режисерските постапки. Сепак, повремено се појавува филм што го руши тој механизам и повторно нè потсетува зошто воопшто сме се вљубиле во киното.
Денес најмногу ме привлекува автентичноста. Она чувство дека зад филмот стои вистинска авторска потреба. Ме интересира кога режисерот има што да каже и кога формата органски произлегува од она што сака да го прикаже.
А филмот сè уште може да ме изненади. Понекогаш тоа е еден кадар, една монтажна секвенца, звук или едноставно некое креативно решение што не сте го очекувале. Понекогаш е целокупната атмосфера на филмот, онаа комплексна состојба во која ве внесува делото.
Во таквите моменти повторно се враќа она изворно чувство дека гледате нешто што не постоело пред да го видите. И тогаш навистина си велите: токму затоа ги сакам филмовите. Затоа што добриот филм не ја репродуцира само стварноста. Тој создава сопствена стварност во која, барем за момент, можеме да живееме.

И за крај, да погледнеме напред. Какви се твоите професионални планови како режисер во периодот што следува? На што работиш или што би сакал да реализираш во иднина и какви филмови би сакал да снимаш?
Во периодот што следува, пред сè, ќе се посветам на подготовките за реализација на филмскиот проект што е финансиран од Агенцијата за филм на Македонија, а ќе биде реализиран во продукција на моите драги пријатели и колеги од „Реалфилм“. Станува збор за проект со познати и истакнати актерски имиња, жанровски определен како психолошка драма, што ми овозможува да се занимавам со теми што отсекогаш ме привлекувале – човекот, неговата внатрешна нестабилност, скриените конфликти и границата меѓу она што го живееме и она што го носиме во себе.
По толку години занимавање со филмот, и од критичарска и од режисерска позиција, сè повеќе верувам дека најважно е да се направи филм што има сопствена причина за постоење. Не сакам да снимам само за да реализирам уште еден филм. Сакам да направам дело што ќе има своја атмосфера, свој внатрешен свет и своја авторска тежина.
Тоа е и најголемиот предизвик што си го поставувам како режисер: филмот да не заврши во моментот кога ќе заврши проекцијата, ами да продолжи да живее во свеста на оној што го гледал.

Јане Алтипармаков