Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните, особено до сопствениците и операторите на дронови, доследно да ги почитуваат правилата за безбедно користење на воздушниот простор, пренесе МИА.
Од МВР посочуваат дека поради зголемениот обем на летачки активности на Одделот за воздухопловни единици, како и интензивниот ангажман на полициските хеликоптери во гасење пожари, извидување, транспорт и други оперативни задачи низ целата држава, неопходно е строго почитување на прописите.
Поради итноста и природата на задачите, местото, времето и маршрутата на движење на полициските хеликоптери не секогаш можат однапред да се предвидат, особено при интервенции поврзани со пожари и други итни настани.
МВР предупредува дека лицата кои не ги исполнуваат законските услови за управување со беспилотни воздухоплови и немаат соодветни одобренија, регистрации или сертификати, кога тие се задолжителни, не смеат да управуваат со дронови спротивно на важечките прописи.
Операторите кои ги исполнуваат пропишаните услови се должни летовите да ги изведуваат во согласност со воздухопловните прописи, ограничувањата на воздушниот простор и условите утврдени од надлежните воздухопловни органи, вклучително и со потребните најави и координација со службите за контрола на летањето, кога тоа е предвидено.
Од МВР особено предупредуваат дека доколку оператор на дрон забележи или слушне полициски хеликоптер во близина, треба веднаш и без одлагање безбедно да го приземји дронот.
-Во ниту еден случај не смее да се управува со дрон во насока кон хеликоптер, да се приближува до него, да се следи неговото движење или да се снима од непосредна близина – наведуваат од МВР.
Присуството на дрон во зоната во која дејствува хеликоптер претставува сериозна опасност за безбедноста на летот. Евентуален судир може да предизвика сериозно оштетување, губење на контролата над воздухопловот и директно да ги загрози животите на екипажот, како и луѓето и имотот на земја.
Ризикот е особено голем при гасење пожари, кога хеликоптерите летаат на мали височини и работат во услови на чад, намалена видливост, турбуленција и високо оптоварување на екипажот. Во такви услови, навременото забележување и избегнување мал беспилотен воздухоплов може да биде исклучително тешко.
Од МВР додаваат дека појавата на дрон во оперативната зона може да доведе до прекин или одложување на летачките операции, со што се намалува ефикасноста на интервенциите и дополнително се загрозуваат населението, пожарникарите, имотот и природните ресурси.
Министерството најавува преземање соодветни мерки за утврдување на идентитетот и одговорноста на лицата кои со незаконско или небезбедно управување со дронови ја загрозуваат безбедноста на воздушниот сообраќај и полициските воздухоплови.
За непочитување на законските обврски и за дејствија со кои се создава опасност за воздухоплов, екипаж или други лица, ќе се преземаат прекршочни, а доколку се исполнети законските услови, и кривични мерки согласно важечките прописи. Од МВР информираат дека надлежните служби веќе постапуваат во неколку вакви евидентирани случаи.
МВР апелира до сите граѓани и оператори на дронови да покажат максимална одговорност и дисциплина, нагласувајќи дека безбедноста на екипажите кои секојдневно се ангажирани во заштита на граѓаните и справување со пожарите е заедничка одговорност.





































