Фото: Пекселс

Европскиот центар за превенција и контрола на болести ЕЦДС (ECDC) упати предупредување до европските здравствени власти за потребата од итно зајакнување на капацитетите за контрола на комарците.

Поводот за ова е регистрираниот пораст на локално пренесени случаи на вирусот Западен Нил во дури 12 европски држави од почетокот на годинава.

Според најновиот извештај на агенцијата со седиште во Стокхолм, заразата е регистрирана во Италија, Грција, Шпанија, Франција, Германија, Австрија, Холандија, Романија, Србија, Албанија, Косово и Македонија.

Во моментов се погодени вкупно 99 региони на континентот, а загрижува фактот што во 21 регион вирусот е детекран за прв пат во историјата. Ширењето бележи значителен скок во споредба со истиот период минатата година, кога инфекции беа евидентирани во девет земји и 67 региони.

Епидемиолошките податоци покажуваат дека најтешко погодена е Италија со 311 регистрирани случаи, по што следи Грција со 157 заразени лица.

Алармантна состојба и во Македонија

Сериозноста на ситуацијата не ја заобиколува ниту нашата земја. Во Македонија досега се потврдени 43 случаи на западнонилска треска, а четири лица починаа како последица на компликации предизвикани од вирусот. Здравствените експерти потсетуваат дека најголемиот бран на пренос на вирусот преку комарците се случува од доцна пролет до есен, со изразен врв во периодот меѓу јули и септември.

Препораки на ЕЦДС и превенција

Агенцијата ECDC подвлекува дека е неопходна системска и прекугранична соработка, интегрирано следење на популацијата на комарци, навремено информирање на јавноста и спроведување на таргетирани мерки за уништување на комарците кои нема негативно да влијаат врз животната средина.

За вирусот: Идентификуван за првпат во Уганда во 1937 година, овој вирус кај повеќето луѓе поминува без симптоми или со благи знаци наликувајќи на грип (треска и висока температура). Компликации: Кај потешките форми, вирусот може да навлезе во крвотокот и централниот нервен систем, предизвикувајќи опасен по живот менингитис или енцефалитис. Лекување: Според Светската здравствена организација (СЗО), сè уште не постои специфична терапија ниту одобрена вакцина за хумана употреба, поради што превенцијата и заштитата од убоди од комарци остануваат единствената ефикасна одбрана.