ПЛАЗМА СПОРТСКИ ИГРИ ЗА МЛАДИ ВО СПЛИТ
Македонија во својата прва сезона на меѓународната завршница на Плазма спортските игри за млади (СИМ), која се одржа во Сплит (Хрватска), освои седум медали, од кои три сребрени и четири бронзени. Македонија годинава првпат се приклучи кон големото семејство на Плазма спортските игри за млади, заедно со Хрватска, Србија, Словенија и со Босна и Херцеговина. Годинава СИМ одбележува голем јубилеј, 30 години од своето постоење во Европа, а Сплит деновиве беше во знакот на спортот, дружењето и ферплејот. На големиот спортски настан пристигнаа и голем број познати спортски имиња и легенди од фудбалот, кошарката, тенисот, ракометот и од другите спортови.
Плазма спортските игри за млади, покрај тоа што обезбедуваат бесплатен спорт за секое дете, ги промовираат вистинските спортски и животни вредности. Најмладите преку спортот учат да го почитуваат противникот, да се борат до последниот момент, но и достоинствено да победуваат и губат. Во центарот на сите натпревари е ферплејот, велат од македонскиот табор.
Првиот медал за Македонија во Сплит го освои Наум Насковски од Куманово, кој се закити со бронза во трката на 60 метри во категоријата 2015 година. Во силна конкуренција, младиот македонски атлетичар стигна до одличен резултат и уште еднаш покажа дека Македонија има голем спортски потенцијал. Медал освои и екипата на Ролинг од Струмица, која го освои третото место во баскет 3х3. Струмичани покажаа одлични кошаркарски вештини и со своите настапи потврдија дека се одлични „баскетчии“. На теренот беше исклучително возбудливо, а младите кошаркари покажаа и атрактивни потези, кои потсетуваа на најдобрите баскет-сцени. И во оваа дисциплина во преден план беа спортскиот дух и ферплејот.
Уште пред заминувањето за Сплит беше јасно дека Македонија има сериозни адути во шахот. Во женска конкуренција, Илијана Велева од Свети Николе освои сребрен медал, а во машка конкуренција Давид Атанасовски од Гази Баба исто така се закити со сребро. Секој потег беше внимателно осмислен, секоја партија носеше нова неизвесност, а секоја победа беше заслужена со знаење, смиреност и со спортски дух. Младите натпреварувачи уште еднаш докажаа дека шахот создава шампиони не само на таблата туку и во животот.
Македонските репрезентативци продолжија со одличните настапи и во пинг-понг. Јован Пармачки од Берово го освои второто место во машка конкуренција и заслужено се закити со сребрен медал. Бронзени медали освоија Мартин Ристевски од Прилеп, кој беше на третото место во машка конкуренција, и Бојана Јовевска од Пехчево, која го освои третото место во женска конкуренција. Вредно е да се напомене дека Томи Јакимовски доби признание за ферплеј на тенискиот турнир.
Со седум освоени медали, Македонија ја заврши својата прва меѓународна сезона на Плазма спортските игри за млади со одличен резултат и со уште една потврда дека младите македонски спортисти имаат што да покажат на меѓународната сцена. Големото финале на Плазма спортските игри за млади е предвидено во Сплит, а се очекува на теренот да се појават и голем број најавени спортски ѕвезди и гости, со што се става завршната точка на големиот спортски спектакл. Г.И.




































