Август е – прекрасен месец за финално собирање жито, за многу мажи и жени да се почувствуваат како мистер универзуми и плејбој-зајачици на плажите, за раѓање албино намќори и за фрлање атомски бомби. А ха, светот е нуклеарна секс-бомба спремна за детонација како последна жетва за цивилизацијата – американскиот Запад и Блискиот Исток се кавгаат чиј е Ормускиот Теснец, а јас чувствувам дека само мене ми припаѓа – Европа спакувана во Унија и Русија распослана во федерација си ја мерат фрустрацијата, чија е појака, што само кажува дека голема грешка се направи кога од Македонија кон едните и другите тргнаа христијанството и писменоста, Израилот го пропушти вистинскиот Месија, па сега, по логиката дај што ќе дадеш, на Нетанјаху спаднаа, вообразената бела моќ од Брисел до Вашингтон се прашува дали во Кина, роботизацијата ќе јаде електрични кучиња, а бидејќи сè се извештачи – од семе до цицки, само глупоста остана природна – може стварно најпаметно е АИ да ја превземе контролата.
Во август сум роден, во него се чувствувам удобно и опуштено. И не ми се допаѓа кога – откако знам за себе – го нарекувате пекол. Во август е пекол, жештините се пеколни. Да не сте биле во пеколот? Сте го виделе? Сте минале продолжен викенд во тој факинг пекол? Да, ама нели пишува дека во пеколот е страшно жешко? Да, пишува, ама во пеколот сигурно нема да се расфрлате со колкови, газови, бицепси и трицепси, туку, ако добро сте прочитале – ќе биде плач и крцкање со заби. А вие, како? Среде август што го нарекувате пекол, на секое селфи, окљафтени сте од уво до уво, со свежо исполирани заби – очи да го заболат човек. Стварно ми доаѓа, кога мрчите за август (колку само да се мрчи), да ви го одземам од календар.
Добро, добро – овој август има малку плач и троа крцкање со заби. На српски јазик. „Сејф сити“ почна да регистрира странски таблички. И одеднаш – драма. На пат кон краците, низ земјата каде што опозицијата на знаме ги брои, од сонцето, зраците, се плаќа казна за пречекорување брзина – иако треба веднаш да се почне и со казнување нордистански медиуми што ја „прекорачуваат“ брзината.
Како и да е, на казнетиве Срби очигледно не им „паше српскиот свет“, за кој низ Македонија се пенави шуто и рогато, па затоа ќе возеле низ Бугарија. Изгледа ние тука, хрватскиот свет во кој живееме, погрешно го доживуваме како српски. Еве, прашајте ги казнетиве, веднаш ќе ви објаснат дека Македонија живее хрватски свет штом така се однесуваме со Срби. А низ Бугарија, слободно нека возат. Тоа е Европска Унија. Има и камери и казни – троа поскапи од тука – ама барем кога ќе си плаќаат, нема да слушаат македонски јазик, туку источномакедонски дијалект – а тоа е океј, да прошират лингвистички видици.
И по дома – драма. Нордистанците кои по дома смеат да се нарекуваат Македонци и тоа, богами, гласно го прават удирајќи се во гради и мавајќи по астали, додека не довозат до граничен премин Богородица каде што веднаш почнуваат на Грците да им трепкаат нордистански – на тема: казни за странци – традиционално и ритуално си ги исповадија очите по социјални мрежи. Се разбира дека секој има нешто да каже на темата и да го испцуе оној со поинакво мислење. Битно е да се изнесе мислење на мрежата, оти без него светот, галаксијата и сета вселена ќе почувствуваат вибрирачка празнотија што не се издржува. Просто, твојот став ја држи рамнотежата меѓу битисувањето и бесконечноста и само ако случајно пропуштиш да кажеш нешто на темата, отидоа и балансот и севкупното постоење бестрага.
Инаку, одењето бестрага понекогаш се нарекува и умирачка. Ете, умре Ведрана Рудан – ги остави тука на Земјата и во земјата своите мечти, мисли, реченици, гнев, креативност, фантазии, раце, нозе, очите и пи.ката и појде со душата да посведочи дали ќе ја сместат во рај или во август – и одеднаш сите имаат мислење за неа, сите имаат што да кажат за нејзината креативна оставина, сите знаат сè за тоа каква ѝ била душевната состојба, се расфрлаат со цитати, па судат и фрлаат пресуди какви што за себе секако не сакаат да слушаат.
Не се согласував со нејзините ставови, ама мислам дека…
Кој те праша? Кому му е гајле што ти мислиш за неа?
Да не е забрането да мислам?
Скраја да е, овој август поттикнува на мислење, ти што мислиш?
Јас мислам дека овој август не е како другите августи…
И го оставам „глупи Август“ да го изнесе своето ценето мислење за месецот на лавот преку компаративна анализа базирана на неговите искуства од минати времиња врамени од 31 јули до 1 септември, за да заклучи дека сега нешто одеднаш се измени, оти гледаш и самиот – ова значи дека мене ми се обраќа – нели ти е сомнителна поврзаноста на пожарите во Франција и Шпанија со земјотресите во Колумбија и Индонезија, паралелно со депресијата на пингвините на Северниот Пол поради војната меѓу Русија и Украина за која Ведрана Рудан напиша дека… не дека јас се согласувам со неа, ама…
О, Боже – доста е! На Балканот, ако умреш, а чуле за тебе, никој не ги купува – што знам – на пример, книгите, ама затоа биографијата има да ти ја шијат и прешиваат додека секој не си сплете своја верзија. Среќа ти си мртов и појма немаш со какви глупости те испраќаат. На Запад е малку поинаку. Таму, ако си познат, вообичаено умираш во екот на славата – нешто овердоуз, мешање погрешни таблети со несоодветен калибар на куршуми, сообраќајка, болест што дотогаш никој не знаел дека е во телото – битно кинеш конци и твојата оставина почнува вртоглаво да се продава за друг, а не ти, да заработува.
Никој, освен самоубиец, не може да си ја избере умирачката – Русите, на пример, велат: ако ти е пишано да се удавиш, нема да те обесат – ама кога ќе се замислам на тема смрт која доаѓа, не сакам да умрам од неизлечива болест, од своја или туѓа негрижа, од несреќа, од срцев или од мозочен удар, нагло, од некоја апсурдна ситуација или бавно од староста – не, сакам да умрам од трета светска војна. Не се зезам. Ми се гледа како добар начин за умирачка. Отприлика би требало да изгледа вака – во моментот кога ме пронижува куршум, а ме спрепнува дрон, паѓам врз нагазна мина, истовремено кога врз мене експлодира првоиспалената нуклеарка и додека убиствената комбинација ме разложува до божја честичка, јас се прашувам: дали по умирачката сите ќе се расфрлаат со радиоактивни мислења за мојата биографија, ама затоа се надевам дека душата ќе ми појде во рајот каде што владее август засекогаш.




































