Фото: Маја јаневска Илиева

Рочиштето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска беше прекинато откако првообвинетиот Дејан Јованов побарал лекарска помош. На рочиштето сведочеше вештакот и технички советник од областа на градежништвото Петре Русевски, предложен од одбраната на Јованов, сопственик на дискотеката, пренесе МИА.

Русевски изјави дека закупецот на просторот не презел градежни активности што би можеле да се квалификуваат како реконструкција на објектот, туку биле изведени градежно-занаетчиски работи и ентериерно уредување за потребите на дејноста.

На ваквата изјава реагираа родители на загинатите во пожарот, по што дел од нив беа замолени од судот да ја напуштат судницата.

Вештакот посочи дека објектот бил изграден врз основа на проектната документација и одобрението за градба, додека ентериерното уредување било изведено согласно техничката документација на друштвото „Венци проект“.

Во однос на градежните материјали, Русевски наведе дека биле употребени армиран бетон, челични носачи, керамички блокови и кровен покривач од санолитни плочи, односно, како што рече, стандардни градежни материјали.

Одговарајќи на прашање од одбраната дали објектот претставувал опасност за соседните објекти во случај на пожар, вештакот оцени дека од аспект на градежната конструкција и фактичката состојба не постоела опасност од проширување на пожарот.

 – Во смисла на градежништвото и фактичката состојба на објектот како градежна конструкција, а имајќи предвид дека добил одобрение за градба, сметам дека не претставувал опасност за околните објекти – изјави Русевски.

Откако родителите на загинатите повторно се вратија во судницата, рочиштето било прекинато поради здравствените тегоби на Јованов.

Судијата Дијана Груевска-Илиевска информираше дека, според лекарскиот тим кој го прегледал обвинетиот, тој се пожалил на болки во грбот поврзани со претходни операции на ‘рбетот, како и на нелагодност и болка во градите.

Во судницата било соопштено дека на Јованов му бил направен ЕКГ-преглед, при што не биле констатирани знаци на акутна состојба. Сепак, лекарите не ја исклучиле можноста за влошување на состојбата и препорачале опсервација и дополнителни прегледи доколку тегобите продолжат или се интензивираат.

 – Во овој момент ќе го прекинеме судењето, ќе го вратат во притвор, а доколку продолжи да се жали, разговарано е и со директорот на затворот во Куманово и ќе биде однесен на дополнителни испитувања и кардиолошки прегледи во Куманово – соопшти судијата Груевска-Илиевска.

Притворот на Јованов законски истекува на 3 октомври. Неговата одбрана најави дека ќе понуди гаранција во имот во вредност од речиси 200 илјади евра, иако таквата гаранција не е задолжителна.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.