Живееме во време во кое постојано слушаме дека треба да бидеме подобра верзија од себеси. Психологијата нè поттикнува на личен развој, современата култура ни нуди безброј техники за подобрување на животот, а општеството нè убедува дека успехот зависи од тоа колку ќе се усовршиме, ќе напредуваме и ќе бидеме продуктивни. И сето тоа, само по себе, не е лошо. Но христијанството поставува едно многу подлабоко прашање: во што, всушност, треба да се преобразиме?
Христијанскиот живот не е само исполнување правила. Не е ниту едноставно избегнување на она што е забрането. Тој е постојан процес на преобразување на човекот – преобразување на неговото срце, неговите мисли, неговите желби и неговиот однос кон Бога, кон другиот човек и кон самиот себе.
Токму затоа празникот на Преображението Христово има значење што го надминува сеќавањето на еден евангелски настан. Христос се искачува на гората со Петар, Јаков и Јован и пред нив се преобразува. Неговото лице засветува како сонце, а облеката станува бела како светлина. Апостолите за миг гледаат нешто што дотогаш не можеле да го видат – ја гледаат славата што отсекогаш била присутна во Христа, но која сега им се открива.
И нивната реакција е особено човечка. Петар вели: „Господи, добро ни е да бидеме овде“. Тој сака да остане. Да не слегува од гората. Да продолжи тој момент на убавина, светлина и сигурност.
Но Христос и апостолите мораат да слезат. Под гората ги чека животот со сите свои проблеми. Ги чекаат луѓето, страдањето, неверувањето, конфликтите, болеста и човечката слабост. Преображението не е бегство од светот. Напротив, оној што се преобразува на гората е повикан преобразен да се врати во светот.
Во тоа се крие една од најважните пораки на христијанството.
И ние во животот имаме свои „гори“. Постојат моменти кога чувствуваме мир, радост, исполнетост и блискост со Бога. Но постојат и денови кога се спуштаме во долината – во грижи, разочарувања, конфликти, болести, неизвесност и лични падови. Христијанството никогаш не ветува дека човекот, откако ќе поверува, ќе престане да се соочува со животните бури. Она што го ветува е нешто друго: дека човекот може да се преобразува така што бурите повеќе нема да имаат последен збор над него.
Тука се наоѓа и суштинската разлика меѓу христијанската етика и еден голем дел од современото морално размислување. Во секојдневниот живот често моралот го сведуваме на едно едноставно правило: не прави му зло на другиот. Ако со нешто не повредуваме никого, тогаш сметаме дека тоа е наша лична работа. „Не му штетам никому“ станува доволен аргумент.
Христијанството, меѓутоа, оди чекор подлабоко. За христијанинот не е штетно само она што директно му нанесува зло на другиот. Штетно може да биде и она што мене ме спречува да станам подобар човек.
Тоа е радикалноста на христијанската етика. Христос не вели само: не убивај. Тој оди до коренот на убиството – гневот, омразата, презирот. Не вели само: не врши прељуба, туку зборува за погледот и желбата во кои гревот веќе почнува да се зачнува. Зашто гревот не започнува со надворешниот чин. Тој најнапред се случува во човекот.
Токму затоа Христос не сака само да го контролира нашето однесување. Тој сака да го преобрази нашиот внатрешен човек. Современата психологија, на свој начин, ни го покажува истото нешто. Човекот не станува она што е преку една голема одлука, туку преку повторуваните мисли, навики, реакции и избори. Она што постојано го правиме постепено станува дел од нашиот карактер. Начинот на кој реагираме на навредата, зависта, успехот на другиот, сопствениот неуспех или туѓата слабост – сето тоа нè обликува.
Затоа прашањето не треба да биде само: „Дали ова е дозволено?“ Многу поважно е да се прашаме: „Што прави ова со мене?“ Дали ме прави послободен или позависен? Поисполнет или посуетен? Помирен или погневен? Посочувствителен или посуров? Поблагодарен или понезадоволен? Поблизок до Бога и луѓето или затворен во самиот себе? Тоа е христијанскиот критериум.
Нешто може да изгледа безопасно, а сепак постепено да го деформира човекот. Може да не му нанесува очигледна штета никому, но да ги храни нашата суета, мрзливост, завист, зависност или рамнодушност. И токму тука христијанската етика станува многу посериозна од обичното почитување на правила.
Затоа христијанскиот живот бара секој ден да биде мал чекор кон преобразувањето. Не мора секој ден да доживуваме некаква голема духовна победа. Понекогаш преобразувањето изгледа многу скромно: да не возвратиме со навреда, иако сме навредени; да побараме прошка, иако мислиме дека сме во право; да му помогнеме некому без никој да знае; да се откажеме од една лоша навика; да престанеме да зборуваме лошо за човек што не е присутен; да се помолиме кога немаме волја за молитва.
Тоа се мали чекори, но од нив се гради човекот. А кога човекот се преобразува, постепено се преобразува и просторот околу него. Семејството станува поинакво кога еден човек станува потрпелив. Работното место станува поинакво кога некој престанува да шири завист и недоверба. Пријателството станува поинакво кога еден човек учи да слуша. Општеството се менува кога луѓето престануваат да го бараат само своето право и почнуваат да ја препознаваат одговорноста кон другиот.
Можеби затоа најголемата христијанска револуција не започнува со промена на системите, туку со промена на срцето. Светот отсекогаш сакал да го промени човекот однадвор. Христијанството започнува однатре. И токму затоа по Преображението, Христос слегува од гората.
Нема трајно христијанско преображение ако остане само на гората, во убавото чувство, во храмот, во празничниот момент или во личното духовно доживување. Преобразениот човек мора да се врати во долината – таму каде што има луѓе што страдаат, каде што има неправда, недоразбирања, слабости и секојдневни искушенија.
Таму се проверува дали навистина сме се преобразиле. Затоа можеби најважното прашање што треба да си го поставуваме не е дали сме подобри од некој друг. Не е ниту дали ги исполнуваме сите правила. Туку едно многу поедноставно и потешко прашање: Дали денес сум поинаков човек од оној што бев вчера?
Ако сум помалку гневен, повеќе простувам. Ако сум помалку себичен, повеќе давам. Ако сум помалку суетен, повеќе можам да се радувам на туѓиот успех. Ако сум помалку исплашен, повеќе можам да љубам. Тоа е преобразувањето.
И можеби токму тоа е најголемиот предизвик на христијанството денес: не само да го убедиме светот да верува во Бога, туку да покажеме што се случува со човекот кога навистина ќе му дозволи на Бога да го преобрази.
Зашто светот нема да се преобрази само затоа што ние ќе зборуваме за неговата потреба од промена. Светот почнува да се преобразува тогаш кога човекот ќе започне да се преобразува себеси. И секој нов ден ни дава можност повторно да се искачиме на гората, повторно да ја видиме светлината – и повторно да слеземе долу, преобразени, таму каде што нè чека животот.
Проф. д-р Виктор Недески
Авторот е продекан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ при УКИМ во Скопје



































