ЕХФ
- Успешната сезона 2025/2026 обезбедува основа за следното поглавје од европскиот клупски ракомет, кое почнува во септември, пишува ЕХФ
Успешната сезона 2025/2026 покажа континуиран раст во многу аспекти, на теренот и надвор од него, европските клупски натпреварувања навистина донесоа резултати, не само преку извонредни спортски перформанси туку и низ медиумите, дигиталните платформи, посетеноста во живо, искуството на навивачите и комерцијалниот развој, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ) во пресрет на новата клупска континентална сезона.
Европскиот клупски ракомет привлече рекордна публика, дигитален раст и незаборавни искуства на теренот и надвор од него, вкупната ТВ-публика за Лигата на шампионите (ЛШ) и за Европската лига (ЕЛ) беше повеќе од 540 милиони, забележан е раст од 50 проценти на годишно ниво за ЕХФТВ, сопствената платформа за стриминг за светска покриеност, дигиталниот дострел беше 1,6 милијарда и 44 милиони ангажмани на социјалните медиуми за натпреварите од Лигата на шампионите, објави ЕХФ за минатата сезона.
Овие бројки ги покажуваат растечката видливост на европскиот клупски ракомет и сѐ поразновидните начини на кои гледачите го следат и се вклучуваат во спортот, пишува ЕХФ. Растот е клучен збор кога станува збор за гледачите што присуствуваат на натпреварите. Клупските натпревари регистрираа посетеност од 1,2 милион во текот на сезоната 2025/2026. Само четирите финални викенди придонесоа со околу 100.000 кон таа бројка.
И двата фајналфор-турнира привлекоа рекордна публика, и тоа 20.022 гледачи дневно го исполнуваа „МВМ Дом“ во Будимпешта на патот кон титулата во конкуренција на ракометарки, 20.122 присуствуваа во арената „Ланксес“ во Келн, што означи нова пресвртница за финалниот турнир за ракометари, а популарноста се потврди кога 14.000 билети за фајналфорот во 2027 година беа продадени во првите 24 часа од пуштањето во продажба, пишува ЕХФ. Растечки бројки на публика беа забележани и на финалните викенди на Европската лига, за мажите во Хамбург и за жените во Дижон.
Интересот за европскиот клупски ракомет останува во постојан пораст. Континуираниот раст ги нагласува големата меѓународна привлечност на европскиот клупски ракомет и неговата способност да се поврзе со публиката. Успешната сезона 2025/2026 обезбедува основа за следното поглавје од европскиот клупски ракомет, кое почнува во септември. Новата сезона ќе има нов систем, со зголемување на бројот на учеснички од 16 на 24 за ЛШ за ракометари, а машката Европска лига почнува во обновен формат. Новата сезона ќе ја означи и следната фаза во развојот на клупските натпреварувања на ЕХФ, со еволутивен медиумски и содржински екосистем и проширена улога за маркетингот на ЕХФ. Н.М.





































