Повод: Порибување на Охридско Езеро со ендемичната пастрмка летница
- Од стотици илјади до милиони порибени единки, од шестгодишен прекин до нова надеж… Што навистина значи враќањето на охридската пастрмка во езерото и дали со порибувањето ја спасуваме рибата или само го одложуваме плаќањето на сметката што природата еден ден ќе ни ја испорача?
Има нешто симболично во моментот кога една мала охридска пастрмка првпат ја допира водата на езерото. За човекот што ја пушта, тоа е само една од стотиците илјади или милиони единки што треба да бидат вратени во природата. За езерото, таа е уште еден жив организам во огромната и сложена мрежа на живот што се создава и одржува милиони години. А за Охрид – таа е многу повеќе од риба. Таа е дел од природниот идентитет на езерото. Охридската пастрмка, ендемичниот вид Salmo letnica, е еден од најпрепознатливите симболи на Охридско Езеро. Но нејзината вредност не произлегува само од традицијата, гастрономијата или риболовот. Таа е дел од живиот биолошки систем што го прави Охридско Езеро едно од најзначајните природни езера во Европа. Токму затоа секое порибување треба да се чита на два начина. Првиот е оптимистички: институциите имаат капацитет да произведат подмладок преку вештачки мрест и да помогнат во обновувањето на популацијата. Вториот е многу посериозен: ако мораме повторно и повторно да внесуваме милиони единки за да ја одржуваме популацијата, тогаш мора да се прашаме што се случило со природниот циклус на езерото. И уште поважно, што правиме тој циклус повторно да стане доволно силен за да не зависи постојано од човекот?
1. Милион и шестотини илјади риби во едно древно езеро
Годинашното порибување на Охридско Езеро, кое патем сѐ уште трае, повторно го враќа прашањето за иднината на охридската пастрмка во центарот на јавноста. Според информациите објавени во јавноста, преку медиумите, процесот започнува со 100.000 единки охридска пастрмка, а во следната фаза треба да бидат пуштени уште околу 1,5 милион единки. Подмладокот е добиен преку вештачки мрест и одгледуван во контролирани услови, а порибувањето се реализира на повеќе точки по должината на езерото. Тоа значи дека годинава во езерото треба да влезат околу 1,6 милион млади пастрмки. Бројката звучи импресивно. Но природата не функционира како математичка равенка во која еден милион плус еден милион автоматски значи два милиона повеќе риби во иднина. Патот од младата единка до возрасната пастрмка е долг и неизвесен. Јас како професионален рибар многу добро го знам тоа. И сум фаќал матици за порибување и сум порибувал. Имено, некои „чисти риби“ ќе угинат природно. Некои ќе бидат дел од синџирот на исхрана. Некои нема да достигнат полова зрелост. Други ќе преживеат, ќе пораснат и, ако условите дозволат, ќе учествуваат во природниот мрест. Токму затоа бројката на пуштени риби е само почеток на приказната. Вистинската приказна ќе се пишува во годините што следуваат.
2. Езерото што не е само езеро, ниту за мене ниту за кој било друг
За да се разбере значењето на порибувањето, прво мора да се разбере значењето на местото во кое се пушта пастрмката. Охридско Езеро не е само водна површина.
Тоа е еден од најстарите езерски екосистеми во Европа, со континуирана биолошка активност што датира милиони години наназад. УНЕСКО наведува дека езерото постои приближно 2–3 милиони години и претставува засолниште за повеќе од 200 ендемични видови. Меѓу нив се и 17 ендемични видови риби, вклучувајќи и два вида пастрмка. Во рамките на прекуграничниот биосферен резерват Охрид–Преспа, УНЕСКО посочува дека десет од 17-те вида риби во езерото се ендемични, меѓу нив и охридската пастрмка. Тука лежи и најголемата вредност на Охрид. Не само во тоа што има риби туку и во тоа што има видови што не постојат никаде на друго место во светот. Тоа го прави езерото природна архива. Секој ендемичен вид е дел од еволутивна приказна што се одвивала изолирано, низ огромен временски период. А кога исчезнува еден таков вид, тој не се заменува едноставно со друг. Неговото исчезнување е губење на една уникатна гранка од природната историја. Затоа борбата за охридската пастрмка не е само борба за една риба туку и борба за зачувување на биолошката уникатност на езерото.
3. Порибувањето не е нова приказна
Интересно е што порибувањето на Охридско Езеро не е современа мерка измислена во последните години. Тоа со децении е дел од обидите за одржување и обновување на популацијата на охридската пастрмка. Ние го правевме тоа и пред стотина години. Најново што паметам точни бројки е во октомври 2010 година, на пример, езерото било порибено со 360.000 единки ендемична пастрмка, што тогаш било претставено како дел од редовните годишни активности на Хидробиолошкиот завод во Охрид. Во истиот период се известувало и за порибување со стотици илјади единки подмладок, произведен во услови на вештачки мрест. Во следните години процесот продолжува. Во 2015 година повторно се порибува езерото со подмладок на охридска пастрмка, а со развојот на технологиите за вештачки мрест се создава можност репродуктивниот материјал од природната популација да се користи за производство на нови генерации. Потоа следуваат години во кои порибувањето станува редовна мерка во управувањето со рибниот фонд. Но во оваа хронологија има и една голема празнина, и тоа шест години.
4. Шест години застој?!
Во август 2025 година Охридско Езеро повторно било порибено по шестгодишен прекин. Тоа е податок што не треба да се прескокне. Министерството за земјоделство тогаш објави дека се реализира порибување во согласност со програмата од 2024 година и дека во процесот учествуваат Хидробиолошкиот завод во Охрид и Институтот за сточарство и рибарство. И медиумите тогаш известија дека по шестгодишна пауза езерото повторно добива подмладок од ендемичната охридска пастрмка, одгледан во мрестилиштето на Хидробиолошкиот завод. Шест години без порибување не значат автоматски дека езерото било шест години без пастрмка. Но отвораат многу важно прашање: Колку е стабилна природната популација ако институционалното порибување може да запре толку долго? Тоа е прашање на кое не може да се одговори само со бројката на пуштени риби. Потребни се долгорочни научни податоци. Колкава е природната популација? Каква е нејзината старосна структура? Колку возрасни единки се мрестат? Колкав е природниот мрест? Колкава е стапката на преживување на подмладокот? И, можеби најважно – дали природната популација расте или само се одржува благодарение на вештачкото порибување?
5. Од матицата до езерото
Во годинашниот процес постои еден особено значаен елемент. Репродуктивниот материјал е обезбеден од матици од природната популација на Охридско Езеро. Тоа е важно затоа што целта на вештачкиот мрест не треба да биде создавање „нова“ риба, туку помагање на природната популација со подмладок што потекнува од локалниот генетски фонд. Процесот, во суштина, е човечка интервенција во природниот циклус: риба фатена од езерото (матица) → земање репродуктивен материјал → вештачки мрест → одгледување подмладок → враќање во езерото. Тоа е научно и институционално достигнување. Но во исто време тоа е и голема одговорност. Затоа што секоја интервенција врз ендемичен вид мора да има една основна цел – зачувување на природната популација, а не нејзино заменување со вештачки произведена популација. Разликата е суштинска. Порибувањето треба да биде мост кон природната репродукција, а не трајна замена за неа.
6. Пастрмката е само врвот на приказната
Кога зборуваме за охридската пастрмка, лесно е да заборавиме дека таа е само еден дел од целата езерска животна верига. Рибата зависи од храната. Храната зависи од состојбата на водата. Водата зависи од сливот. Мрестот зависи од соодветните живеалишта. А живеалиштата зависат од тоа како човекот се однесува кон крајбрежјето, реките, отпадните води и природните зони. Тоа е причината поради која заштитата на пастрмката не може да биде одвоена од заштитата на целиот екосистем. УНЕСКО предупредува дека природната вредност на Охрид е особено чувствителна на промените во квалитетот на водата. Како сериозни закани ги наведува некоординираниот урбан развој, несоодветното третирање на отпадните води и отпадот, туристичкиот притисок, загадувањето, притисокот врз природните ресурси и воведувањето инвазивни видови. Во еден од документите на УНЕСКО/IUCN за езерото се наведува и дека рибните ресурси се изложени на притисок од прекумерен и незаконски риболов, конкуренција од неавтохтони видови, деградација на живеалиштата и загадување. Тоа е суштината на проблемот. Не можеме да ја спасуваме пастрмката, а истовремено да го оставаме екосистемот во кој треба да живее под притисок.
7. Може ли „чиста риба“ да преживее во загадено езеро?
Ова можеби е наједноставното, но и најнепријатното прашање. Можеме да произведеме милиони здрави единки. Можеме внимателно да го избереме репродуктивниот материјал. Можеме да го контролираме процесот на вештачки мрест. Можеме да го планираме порибувањето. Но кога рибата ќе влезе во езерото, човекот повеќе нема целосна контрола. Таму почнува вистинскиот тест. А Охрид е екосистем што веќе чувствува сериозен човечки притисок. УНЕСКО предупредува дека зголемувањето на хранливите материи во езерото го загрозува неговиот олиготрофен карактер – токму состојбата на ниска хранливост, која е основа за неговата исклучителна природна вредност. Со други зборови, проблемот не е само дали во езерото има доволно риби. Проблемот е дали езерото има доволно добри услови за тие риби да живеат.
8. Порибувањето не смее да стане алиби!
Постои уште еден аспект за кој ретко се зборува. Порибувањето може да биде исклучително корисна мерка. Но може да стане и опасна илузија ако јавноста почне да верува дека со пуштање милиони риби проблемот е решен. Не е. Ако мрестилиштата се уништуваат – проблемот останува. Ако незаконскиот риболов продолжи – проблемот останува. Ако загадувањето расте – проблемот останува. Ако се уништуваат крајбрежните живеалишта – проблемот останува. Ако инвазивните видови се шират – проблемот останува. Затоа порибувањето треба да се гледа како една алатка во многу поширока политика на заштита. УНЕСКО експлицитно бара подобра регулација и спроведување на мерките за користење на природните ресурси, вклучувајќи го и рибарството, како и заштита од внесување инвазивни видови. Тоа значи дека успехот на порибувањето ќе зависи и од она што се случува надвор од мрестилиштето.
9. Колку од тие риби ќе преживеат?
Кога една институција ќе каже дека езерото е порибено со 1,6 милион единки, природно е јавноста да ја прифати бројката како показател за успех. Но тоа е само почетна вредност. Вистинските показатели се сосема други. Колку од тие риби ќе преживеат? Колку ќе достигнат зрелост? Колку ќе се вратат на природните мрестилишта? Колку од нив ќе дадат ново потомство? Дали по неколку години ќе има повеќе природен подмладок? Дали бројот на возрасни матици ќе расте? Дали генетската разновидност ќе остане зачувана? Ова се прашањата што треба да го следат секое порибување. Затоа идните извештаи не треба да содржат само една бројка: „Пуштени се толку и толку единки“. Тие треба да содржат и друга: „Толку и толку единки од претходните порибувања преживеале и станале дел од природната популација“. Како? Е па, за ова ќе ги прашате научниците, тие токму си знаат како ќе го истражат тоа. Но само тогаш ќе можеме да зборуваме за резултат.
10. Историјата на порибувањето како огледало на нашата политика кон езерото
Ако се погледне низ годините, порибувањето открива интересна шема. Има периоди на интензивна активност. Има големи бројки. Има развој на вештачкиот мрест. Има институционални програми. Но има и прекини. Тоа покажува дека односот кон пастрмката, како и кон езерото, често се движел во циклуси. Проблем – реакција – порибување – пауза – повторно проблем – повторно порибување. Она што недостига е долгорочната, непрекината политика. Езерото, сепак, не работи во четиригодишни мандати. Ниту пастрмката. Ниту еден ендемичен вид. Ниту еден природен процес. Затоа заштитата на Охрид мора да биде политика што ќе ги надживее дневната политика и институционалните промени.
11. Охридската пастрмка како „чувар“ на биодиверзитетот
Постои уште една причина зошто пастрмката е важна. Таа може да се гледа како еден вид индикатор за состојбата на поширокиот екосистем. Не е единствениот индикатор, но нејзината состојба кажува многу за состојбата на водата, храната, мрестилиштата и рибниот фонд. Охридската пастрмка е дел од прехранбените системи во езерото и поврзува различни делови од екосистемот. Токму затоа промените кај рибите не се изолирана појава. УНЕСКО посочува дека промените во заедниците на планктонот и организмите на дното се поврзани со промените во квалитетот на водата, а дека промените во плитководните живеалишта се особено важни затоа што тие се значајни и за мрестење на ендемичните риби. Значи, кога ја штитиме пастрмката, всушност мораме да ги штитиме и нејзините услови за живот. А тоа нè враќа повторно на езерото.
12. Не е доволно да ја вратиме рибата, треба да го вратиме и нејзиното живеалиште
Можеби токму ова е најважната порака од целата приказна. Порибувањето го враќа подмладокот. Но не ги враќа автоматски мрестилиштата. Не ја прочистува водата. Не го запира нелегалниот риболов. Не ги отстранува инвазивните видови. Не ја контролира урбанизацијата. Не го решава проблемот со отпадните води. Тоа се посебни политики. И токму тука треба да се мери сериозноста на државата во заштитата на Охрид. Дали порибувањето е изолиран проект? Или е дел од интегрирана стратегија за езерото? УНЕСКО нагласува дека долгорочното управување со Охрид бара интегрирано планирање, меѓусекторска соработка, учество на заедницата и прекугранична заштита. Тоа е многу поширока задача од едно порибување.
13. Од национално богатство до европска одговорност
Охридско Езеро е македонски симбол. Но одамна ја надмина националната рамка. Тоа е прекуграничен природен систем. Во 2019 година светското наследство на Охридскиот Регион беше проширено и на албанскиот дел од езерото. Тоа значи дека ниту пастрмката, ниту водата, ниту биодиверзитетот можат да се заштитуваат само од едната страна на границата. Рибата не знае каде завршува една држава. Загадувањето не знае. Инвазивниот вид не знае. Екосистемот не знае. Затоа и заштитата мора да биде прекугранична. Во последните години сè почесто се зборува за тоа дека Охрид е под притисок. УНЕСКО предупредува на загадување, несоодветно управување со отпадните води, урбанизација, туристички притисок, прекумерна експлоатација на природните ресурси и климатски промени. Во извештаите за езерото се нотираат и притисоци врз ендемичните риби од прекумерен риболов, деградација на живеалиштата, загадување и неавтохтони видови. Тоа значи дека денес имаме една необична ситуација. Од една страна имаме сè пософистицирана способност да произведуваме риби. Од друга страна имаме екосистем врз кој се зголемуваат притисоците. И тука се поставува суштинската дилема: Дали стануваме сè подобри во производство на пастрмка затоа што стануваме сè полоши во зачувување на природните услови за нејзино размножување? Ако одговорот е барем делумно „да“, тогаш порибувањето мора да биде предупредување, а не само добра вест.
14. Што би значело вистински успех?
Вистински успех би било еден ден институциите да кажат: Природната популација е стабилна. Мрестилиштата се зачувани. Природниот мрест е успешен. Риболовниот притисок е под контрола. Квалитетот на водата е стабилен. Популацијата не зависи од постојано внесување нови единки.
Тогаш порибувањето би ја исполнило својата најважна функција. Не да создаде зависност, туку да помогне природата повторно да стане самостојна.
15. Наместо само бројка – потребна е долгорочна приказна
Затоа годинашните 1,6 милион пастрмки треба да бидат само една епизода во многу подолга приказна. Следната година треба да знаеме што се случило со нив. По две години треба да знаеме колку преживеале. По пет години треба да знаеме дали учествуваат во природниот мрест. По десет години треба да знаеме дали потребата од порибување се намалува. Само така ќе знаеме дали сме направиле вистински чекор кон зачувување. Во спротивно, секое ново порибување ќе биде само нова почетна нула.

16. Последното прашање не е за летницата
На крајот, приказната за охридската пастрмка всушност не е приказна за една риба. Таа е приказна за тоа како се однесуваме кон природата кога ќе сфатиме дека нешто што сме го земале здраво за готово веќе не може само да се обновува. Можеме да произведеме милиони риби. Можеме да ги пуштиме во езерото. Можеме да направиме свеченост, фотографија, соопштение и статистика. Но природата ќе го даде конечниот одговор. Во длабочината на езерото. На мрестилиштата. Во чистотата на водата. Во бројот на возрасни матици. Во идните генерации. Охридско Езеро преживеало милиони години. Нашата генерација не може да си дозволи да биде онаа што ќе мисли дека со неколку милиони пуштени риби ја завршила работата. Зашто пастрмката не треба само да биде пуштена во езерото. Таа треба да има каде да живее, каде да се храни, каде да се мрести и услови нејзиното потомство повторно природно да го продолжи циклусот. И токму затоа вистинската порака од годинашното порибување не е: Во Охридско Езеро пуштивме 1,6 милион пастрмки. Вистинската порака треба да биде: Уште еднаш добивме шанса да го направиме езерото доволно здраво за еден ден да нема потреба постојано да го порибуваме.
Тоа би било вистинско спасување на охридската пастрмка. А со неа – и на дел од неповторливиот биодиверзитет на Охридско Езеро.
Автор: Наце Танаскоски
Авторот е професионален рибар во пензија



































