За мерак, стрипаџии…

Како и да ја вртиме или сучиме, ова изгор лето какво што не се помни, не се предава иако календарски наближува кон почетокот на училишната година. Секако дека ќе има уште многу летни мигови, авантури и прочитани стрипови, книги, изгледани филмови и серии и уште многу пожари бидејќи така кинисало. Токму затоа, приказнава ја поврзав со скорашниот почеток на учебната година кога слободните активности полека заминуваат во сенка на обврските. Да бегаме од реалноста, не личи. Дневните програмски активности од областа на секојдневието, како да се поставени во облик на однапред подготвени пласмани со најави што и не мора да се случат. Но тие се аудиовизуелни оброци за голем број консументи за кои сами имаат подготвено свои коментари. Социјалните мрежи се мајка за комуникација дури и ако се водат со лица што ниту нѐ познаваат ниту ги познаваме. Како и да е, ќе размениме понекој сочен пцост или грди зборови, кои станаа составен дел од лингвистичките и пред сѐ јавните препукувања на лица со различни професии, Секако, тие не се познаваат помеѓу себе, но тоа ништо не им значи. Подобро е да се расправаш и да солиш ум со непознати отколку со блиските и оние што добро те познаваат. Впрочем, „c’est la vie“ (таков е животот). Барем засега.
Меѓу многуте летни уметнички понуди, посебно место зазедоа многубројните стрип-манифестации во земјава и надвор од неа. Убава приказна е организацискиот сенс на господинот Трајков, кој е еден од организаторите на меѓународен стрип-фестивал во Велес од 20 август, поддржан од Министерството за култура. Она што е посебно за истакнување е доминацијата на дамите како учеснички на фестивалот со нивните трудови. Токму оваа колумна има цел да ја освежи стрип-меморијата на посветените стрипаџии, луѓе што живеат за и од деветтата уметност. Таа уметност долги периоди успешно им парираше на визуелните понуди на киното и телевизијата. Како што течеше времето, визуелниот опис, а особено сценаријата за стрип како да се претворија во апстрактна содржина што наметнува политички и други тешки теми. Тие теми беа и сѐ уште се тежина на грбот на карикатурата како облик на стриповски модел што се смета за совест на општеството.

Со текот на времето, стрипот во класична смисла на зборот на некој начин побегна или отстапи од сопствената блискост со читателот. Многу мудрување, многу структурални општествени ситуации што побегнаа од креативноста на нарацијата со која стрипот пленеше безмалку како и филмот. Ама треба да напоменеме дека животот е таков каков што е и дека многу нешта или ги прифаќаш или се оградуваш од нив, Притоа, можеш колку што сакаш да го браниш своето време или мислење за проблемот и сурово да го потиснуваш гневот во себе наталожен од сликичките што најавуваат стрип, но ни оддалеку не ги задоволуваат пробраните вкусови. Скромно ќе кажам дека познавам три големи „школи“ на стрип. Американско-британската, француско-белгиската и во поново време јапонската. Се разбира дека има и италијанска, шпанска, но и некогашна југословенска школа на стрип-мајстори познати низ светот. Со Русите овој пат нема да се занимавам поради тамошните состојби, но ќе кажам дека нивната анимациска школа е врв на квалитетот (Буратино или Златното клуче, Дванаесетте месеци, Снежната принцеза, Царот Салтан…). Многубројни се и другите стрип-школи, но тие што од недостапност до глобалниот стрип-пазар, што од притисокот на веќе брендираните, не успеваат да испливаат на површината. Би рекол дека по квалитетот воопшто не заостануваат од нив. Впрочем, голем број и домашни стрип-креативци веќе се етаблираа како мошне успешни кооперанти во комик-индустријата. Тие се успешни во обработка на филмски теми за суперхероите или за мегапопуларните суперхерои и за компјутерските анимации и игри, кои се општоприфатено четиво за целиот свет.

Ако во минатото за атрактивни стрип-франшизи односно верзии беа познатиот Флеш Гордон на Александар Рејмон, ако Дизни со суптилен осет умешно ја примени филмската анимација и во областа на стрипот со цел загарантирана добивка на повеќе страни, искористувајќи ја притоа магијата од Андерсоновите и бајките на Перо заедно со записите на браќата Грим, ако франко-белгиските настапија со атрактивниот Тин-Тин, високопозиционираниот Таличен Том, поручникот Блубери со својот каубојски шарм и Џек Дијамонд во вечната пресметка со Црниот Ѓавол, тогаш време беше на пазарот да се замешаат и Алан Форд на Магнус и Бункер, Пајакот како основа за креативен ангажман на суперхероите, Челичната канџа и посебно серијалот на познатиот стрип-велемајстор Дон Лоренс со неговата франшиза Таинствена планета или Триганското Царство.
Дон Лоренс е човекот на чие творештво треба да се обрне посебно внимание, а секој стрип-вљубеник да му оддаде голема почит за беспрекорните цртежи со исклучителна наративна впечатливост. Неговиот опус како да беше инспирација за многу СФ-филмови што ја обележаа можеби најквалитетната кинопродукција во 1970-тите години („Дина“ на Дино де Лаурентис, „Ѕвездени војни“ на Лукас и Спилберг, „Суштеството“ на Карпентер, „Соларис“ на Тарковски, „Зеленото сонце“ на Флечер…). Познат како татко на култните „Карл Викингот“ и „Олак Гладијаторот“, со последниот научнофантастичен серијал „Сторм“, го губи она најскапоценото – видот. Во меѓувреме неговото Триганско Царство продолжува да излегува сѐ до 1982 година. Починал во 2003 година оставајќи зад себе нешто што е вистинска вредност за деветтата уметност. Ова нека биде како еден вид меланхолија за едно стрип-минато и потсетување за нивото на култната уметност, која со вакви и слични креативно-уметнички пирамиди го стави стрипот на пиедесталот познат како деветта уметност.

Љубомир Јованоски

Авторот е писател