Повод: Новата стратегија на македонското МНР – од дипломатска реторика
кон конкретни зафати за остварување на националниот интерес
- Улогата на aмбасадорите не е само да пренесуваат пораки туку и да го пренесуваат светот тука во Македонија преку сите негови промени, ризици, можности и нови односи. Ако тоа стане реална практика, тогаш заштитата на националниот интерес ќе престане да биде само дипломатска формула. Ќе стане активна политика
Заштитата на македонските национални интереси е поставена како еден од трите стратешки приоритети на македонската дипломатија, заедно со економската дипломатија и заштитата на граѓаните што живеат надвор од границите на државата. Самото поставување на ова прашање меѓу стратешките интереси на неодамнешната средба на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски со Амбасадорскиот совет, сепак, отвора многу поширока дилема: што денес, во услови на големи геополитички промени, всушност значи заштита на националниот интерес.
Тоа одамна не може да се сведе само на дипломатско спротивставување на одредени барања или на повторување на националните позиции пред меѓународните партнери. Во свет во кој големите сили повторно ги преиспитуваат своите интереси, во кој безбедноста, економијата, енергетиката, технологијата и контролата врз стратешките ресурси стануваат сè повеќе поврзани, националниот интерес има многу пошироко значење.
За мала држава како Македонија тоа е особено важно, имајќи го предвид фактот дека земјава нема економска, воена или политичка тежина со која може да ги наметнува своите позиции. Но, од друга страна, она што може да се прави е да се има јасна стратегија, добро подготвена дипломатија и внимателно градење мрежа од партнерства. Токму тука треба да се мери вистинската сила на македонската дипломатија.
Националниот интерес не се брани само кога ќе се појави проблем
Во пракса тоа значи македонските дипломатски претставништва да ги следат политичките процеси во земјите во кои се акредитирани, но и навреме да ги препознаваат промените што можат да влијаат врз Македонија. Меѓу прашањата што постојано треба да си ги поставуваат е кои земји ја поддржуваат нашата европска перспектива. Кои држави имаат разбирање за нашите позиции? Каде се создаваат нови политички сојузи? Каде се менуваат ставовите за проширувањето на Европската Унија? Каде се отвора простор Македонија да изгради нови партнерства? Тоа е дипломатија што не чека настаните да се случат, туку се обидува да ги предвиди.
Ако се пристапи така, тогаш заштитата на националниот интерес не значи затворање кон светот, туку, напротив, тоа значи што подобро позиционирање во него.
Европската интеграција останува една од главните стратешки определби на државата, но патот кон Европската Унија не треба да значи Македонија да има само една дипломатска адреса. Колку поширока и поразновидна е мрежата на партнерства толку е поголем просторот за заштита на сопствените интереси. Токму затоа односите со државите од Централна Европа, со земјите од регионот, со САД и со другите значајни меѓународни партнери треба да се гледаат како делови од една поширока стратегија.
Несомнено политичката блискост со одредени држави може да биде значаен дипломатски капитал, но тој не треба да се остави само така, туку тој капитал мора постојано да се одржува и претвора во конкретни односи. Раните декларации за пријателство, пријателски изјави и слично имаат вредност само ако зад нив стојат реални политички, економски, безбедносни и институционални партнерства.
Тука се отвора и едно важно прашање: Дали Македонија доволно рано ги препознава државите со кои има заеднички интереси?
Во новата европска геополитика тоа може да биде пресудно. Европа се менува, а со неа се менуваат и приоритетите на европските држави. Истокот и Централна Европа добиваат поголема економска и политичка тежина, а проширувањето на Европската Унија повторно сѐ повеќе се гледа и низ безбедносна призма. За Македонија тоа значи дека мора да знае каде се создаваат новите центри на влијание.
Како и да е, националниот интерес не е само државниот интерес во тесна политичка смисла. Тој го опфаќа и интересот на македонските граѓани. Безбедноста, економската перспектива, заштитата на граѓаните во странство, можностите за работа, инвестициите, образованието и поврзаноста со европските пазари се исто така дел од поширокиот национален интерес.
Улогата на aмбасадорите не е само да пренесуваат пораки туку и да го пренесуваат светот тука во Македонија преку сите негови промени, ризици, можности и нови односи. Ако тоа стане реална практика, тогаш заштитата на националниот интерес ќе престане да биде само дипломатска формула. Ќе стане активна политика.
И токму тоа е можеби најважниот предизвик за македонската дипломатија: не само да реагира кога некој друг ќе го отвори прашањето за Македонија, туку самата да знае кога, каде и како треба да го отвори прашањето за сопствените интереси.
Во време кога големите држави повторно размислуваат стратешки, малите држави не смеат да си дозволат да размислуваат само реактивно. Македонија не може да биде најсилната држава во европската политика, но може да биде држава што точно знае што сака, со кого може да соработува и како да го брани она што го смета за свој национален интерес.
Економската дипломатија нема да биде веќе додаток на дипломатијата, туку нејзина клучна функција
- Досега јавноста ја перципираше амбасадата како дипломатско-конзуларно претставништво, идентификувајќи го како место за политички контакти, дипломатски средби и претставување на државата. Но во современата дипломатија, која активно ја инкорпорира и економијата, таа претставува и нешто друго
Ако заштитата на националните интереси е политичкиот столб на македонската дипломатија, тогаш економската дипломатија може да биде нејзиниот најконкретен инструмент. Поставувањето на потенцијалот на дипломатско-конзуларните претставништва во областа на економската дипломатија меѓу трите стратешки национални интереси отвора едно едноставно, но суштинско прашање: Како Македонија да ја претвори својата дипломатска мрежа во мрежа на економски можности?
Амбасадата треба да знае што се случува на пазарот во земјата во која е поставена. Кои индустрии растат? Кои компании бараат нови доставувачи? Каде се планираат инфраструктурни проекти? Кои сектори ќе имаат недостиг од работна сила? Каде се отвора простор за македонски производи? Кои инвеститори бараат нови локации?
Тоа не е класична дипломатска реторика. Тоа е економско разузнавање во најлегитимната и најкорисната смисла на зборот, собирање информации што можат да ѝ помогнат на домашната економија.
Токму тука се гледа колку е важна промената што ја најавува министерот Муцунски преку новиот пристап кон економската дипломатија. Според она што беше истакнато на Амбасадорскиот совет, целта е дипломатските претставништва да не ги следат само глобалните процеси туку и навреме да ги препознаваат ризиците и можностите за државата. Економската дипломатија треба да биде насочена кон конкретни и мерливи резултати.
Многу важна промена во размислувањето
Не е доволно амбасадорот да каже дека Македонија е отворена за инвестиции, туку и добро да знае кој инвеститор го бара токму она што Македонија може да го понуди.
– Не е доволно да се организира обичен деловен форум, да се приреди коктел и да заврши само на тоа. Треба од форумот да произлезат средби, договори и партнерства. Ниту, пак, е доволно македонските компании да одат на саеми. Треба некој систематски да ги поврзува со потенцијални купувачи. Токму тука Вишеградската група може да биде пример. Како што веќе покажуваат германските искуства, Полска, Чешка, Унгарија и Словачка повеќе не се само производствени бази или евтини локации за западноевропски компании. Тие стануваат растечки пазари, индустриски партнери и важни делови од европските производствени синџири. Германските бизнисмени токму во ова го препознаваат потенцијалот на Централна Европа – не само како место за производство туку и како простор со растечка побарувачка и инвестиции – велат економските експерти со кои се консултиравме околу новата иницијатива на македонското МНР да се стави фокус и на економската дипломатија.
За Македонија тоа е важна лекција
Според експертите, ако Германија го следи растот на Полска и Чешка како можност за свој извоз, тогаш Македонија треба да се праша што може да понуди на тие пазари.
– Ако во Чешка расте градежништвото, можеби се отвора простор за македонски производители на материјали, опрема и полупроизводи. Ако во Словачка и Унгарија расте автомобилската индустрија, тогаш треба да се бараат македонски компании што можат да станат дел од синџирот на доставувачи. Тука економската дипломатија престанува да биде општа политичка определба и станува конкретна работа. Амбасадите треба да знаат каде постои побарувачка, кои инвеститори бараат нови локации и кои сектори во следните години ќе имаат најголема побарувачка. Таквите информации треба да стигнуваат до македонските компании, стопанските комори и институциите. Тоа е моделот што Македонија треба да го развива – посочуваат експертите.
Тие уште додаваат дека економијата е агресивна и нашите дипломатски претставници и амбасадори треба да трагаат по побарувачка во земјата во која се акредитирани, да ги препознаваат потенцијалните инвеститори што може да дојдат кај нас и во прв план да нудат производ, квалитет, брзина, флексибилност и сигурност.
– Ние како мала економија лесно можеме да се приспособиме кон одредени дејности. Не мора да произведуваме автомобил за да бидеме дел од автомобилската индустрија. Впрочем, веќе имаме добра основа во автомобилската дејност. Понатаму, не мора да се произведува цела машина за земјава да стане нејзин доставувач. На крајот, не мора да има глобална компанија за да стане партнер на глобална компанија. Затоа економската дипломатија треба да се поврзе многу посилно со домашниот бизнис. Амбасадите и коморите треба да разменуваат информации, да прават мапи на пазари и индустрии и заеднички да определуваат каде постои реална можност за македонскиот извоз – истакнуваат експертите.
Успешноста на амбасадорите ќе се оценува по она што го оствариле за својата земја
Според нив, на тој начин ќе се утврдува и успешноста на секој амбасадор за време на неговиот мандат.
– Не е важен само бројот на политички средби туку и успешноста на амбасадорот ќе се оценува и според бројот на нови деловни контакти. Не само според бројот на приеми туку и според новите инвестиции. Не само според дипломатските извештаи туку и според новите пазари што им се отвориле на македонските компании. Тоа би било вистинско внесување на економијата во центарот на дипломатијата – прецизираат експертите.
Тие истакнуваат дека веќе постои и поширок европски момент што Македонија не смее да го пропушти.
– Европа се обидува да ги зајакне сопствените синџири на снабдување, да ја намали зависноста од далечни пазари и повторно да ја вреднува географската близина. Централна и Источна Европа во тој процес добиваат нова тежина, а Западен Балкан потенцијално може да стане дополнителен простор за европските производствени синџири и инвестиции. Ако по неколку години можеме да кажеме дека одредена амбасада помогнала да се отвори нов пазар, да се привлече инвестиција или да се поврзе македонска компанија со европски индустриски синџир, тогаш ќе знаеме дека економската дипломатија дала резултат. Токму тоа треба да биде мерилото за новата економска улога на македонската дипломатија – заклучуваат нашите соговорници. С.Т.




































