Компанијата „Агриа“ од Велес денеска го реализираше првиот извоз на свинско месо од Македонија во Албанија, со што најголемиот македонски производител на свинско месо започна со пласман на своите производи на странски пазар, пренесува порталот Булевар.мк.
Во Албанија се извезени првите седум тони свинско месо, информираат од компанијата.
-Ги извезовме првите седум тони свинско месо на пазарот во Албанија. Ова е прв извоз на свинско месо од Македонија во оваа држава, но и воопшто прв извоз на свинско месо од Македонија. Затоа ова има значење не само за нас како компанија, туку и за македонската економија – вели Томислав Колевски, директор во „Агриа“.
Од компанијата оценуваат дека извозот претставува значаен чекор за македонското производство на свинско месо, имајќи предвид дека досега немало реализиран извоз на свинско месо од Македонија на странски пазар.
Со отворањето на албанскиот пазар се создава можност за понатамошно проширување на пласманот во земјите од регионот и поголема афирмација на македонското земјоделско и прехранбено производство.
„Агриа“ се занимава со производство на свинско месо, а во рамките на компанијата функционира и фабрика за производство на добиточна храна. Компанијата има и фарма за производство на говедско месо, како и производство на сувомесни производи.
Првиот извоз во Албанија отвора ново поглавје за „Агриа“, но истовремено претставува и можност за поголемо присуство на македонските производители на регионалните пазари.


































