Фото: „Нова Македонија“

Романија во јули го забележала најголемиот годишен раст на цените на горивата меѓу земјите членки на Европската Унија, со зголемување од 24,2 отсто. Тоа е значително над просечниот раст во ЕУ, кој изнесува 16,9 отсто.

По Романија, најголем раст на цените на горивата е регистриран во Германија и Литванија, каде што поскапувањето изнесува по 22,9 отсто. На четврто место е Бугарија со годишен раст од 22,2 отсто.

Како главни причини за зголемувањето се наведуваат нестабилноста на светските нафтени пазари и нарушувањата во глобалното снабдување. Поради тоа, актуелните цени на бензинските станици во Романија се повисоки и од оние регистрирани за време на енергетската криза во јуни 2022 година.

Во моментов, романските возачи плаќаат повеќе за гориво отколку возачите во Бугарија и Унгарија. Романската телевизија „Диџи24“ објави дека поради повисоките цени, Романците кои патуваат кон бугарското и грчкото крајбрежје сè почесто избираат да ги полнат резервоарите во Бугарија.

Според податоците, во јули дизелот во Романија се продавал по цена од 9,92 до 9,98 леи, односно од 1,90 до 1,91 евро за литар, додека бензинот чинел до 9 леи, или околу 1,72 евро за литар.

Сега цените се дополнително зголемени. Бензинот се продава за 9,51 до 9,57 леи, односно 1,81 до 1,82 евро за литар, додека дизелот чини меѓу 10,14 и 10,40 леи, односно од 1,93 до 1,98 евро за литар.

Така, полнењето резервоар од 50 литри во Романија во моментов чини околу 510 леи, односно приближно 97 евра.

Во обид да го ублажи ударот од поскапувањето, романското Министерство за финансии на 16 август ја намалило акцизата за обичниот дизел за 20 отсто. Сепак, мерката засега не дала значителен ефект врз крајните цени на бензинските станици.