Шеесет македонисти, слависти, балканолози, филолози, културолози и преведувачи од Албанија, Аргентина, Бугарија, Италија, Јапонија, Канада, Кина, Полска, Русија, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција и Хрватска учествуваат на 59. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што од денеска се одржува во Конгресниот центар во Охрид.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека образованието и науката се цврсти темели врз кои се гради иднината на секој јазик и култура.
– Образованието и науката се цврстите темели врз кои се гради иднината на секој јазик и култура. Во таа насока, расте и институционалната грижа за македонскиот јазик, делуваме кон јакнење на темелите. Со наставниот план за основно образование, учениците од 1 до 5 одделение изучуваат македонски јазик 180 наставни часа годишно, а од 6 до 9 одделение македонски јазик имаат четири дена неделно, колку и во средното гимназиско образование. Обезбедуваме современи учебници по македонски јазик и ги охрабруваме учениците да творат на македонски – рече Јаневска.
Јаневска истакна дека Министерството за образование и наука поддржува научно-истражувачки проекти поврзани со македонскиот јазик, преку научните институти, за што, со секој нареден буџет, се одделуваат сè повеќе финансиски средства.
– Го поттикнуваме интересот за изучување на македонскиот јазик и книжевност на академско ниво и доделуваме стипендии за поттикнување на упис на прв, втор и трет циклус на студиските програми по македонски јазик – нагласи министерката Јаневска.
Таа додаде дека од година во година расте бројот на катедри на странски универзитети каде се одржуваат курсеви по македонски јазик и култура.
– Во април годинава го обновивме најстариот лекторат во италијанскиот град Неапол, а претходно ангажиравме лектори и во Хрватска, Кина, Романија, Полска, Албанија и Словачка – рече Јаневска.
Таа рече дека македонскиот јазик, преку духовното наследство, е веќе вграден во светската културна ризница. Тоа не може да се избрише, но може да се збогати.
– Семинаристите кои доаѓаат од различни земји, имаат заедничка цел да ги продлабочат знаењата од областа на македонистиката и да го запознаат македонскиот јазик низ историјата, културата и научните истражувања. Кога јазикот се практикува во жива комуникација, се градат пријателства и јакне заедницата на вљубеници во македонскиот јазик, тогаш убавината на македонскиот збор достојно ќе може да се афирмира надвор од границите на Македонија – рече Јаневска.
Министерката посочи дека македонскиот јазик е дел од светското цивилизациско наследство, а наша обврска е да го зачуваме и да осигуриме дека следните генерации не само што ќе го зборуваат туку и ќе го изучуваат со љубов и посветеност.
– Македонскиот јазик ќе остане жив преку луѓето кои го говорат, преку институциите каде се истражува, преку културните дела што патуваат надвор од границите и преку овој семинар кој ја зајакнува неговата меѓународна видливост – додаде Јаневска.


































