Фото: Пиксабеј

Во Грција во текот на една седмица се регистрирани 47 нови случаи на инфекција со вирусот Западен Нил, а починале четири лица, покажуваат најновите податоци на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), пренесе МИА.

Од почетокот на сезоната, во земјата се потврдени вкупно 157 домашни случаи, додека бројот на починати достигна 13 лица. Сите починати биле постари од 65 години, со просечна возраст од 82 години.

Најголем дел од заразените имаат невролошки симптоми

Од вкупниот број заболени, 116 лица развиле симптоми поврзани со централниот нервен систем, меѓу кои енцефалитис, менингитис или акутна парализа. Кај останатите 41 пациент симптомите биле благи или немало зафатеност на централниот нервен систем.

Досега 42 лица биле хоспитализирани, додека 92 пациенти се отпуштени од болница. Во десет случаи не било потребно болничко лекување.

Најмногу случаи во Атика

Најголем број случаи се регистрирани во Атика, поширокиот регион на Атина, каде што се потврдени 104 случаи. Останатите случаи се регистрирани во Тесалија, северна Грција и на Пелопонез, додека седум случаи сè уште се предмет на епидемиолошко истражување.

Поради зголемувањето на бројот на заразени во Атика, локалните власти започнаа дополнителни активности за прскање против комарци. Насочените мерки се зголемени за 30 проценти со цел да се намали ширењето на вирусот.

Вирусот се шири преку комарци

Вирусот Западен Нил се пренесува преку комарци и во Грција редовно се појавува во летниот период. Првиот случај во оваа сезона бил регистриран на почетокот на јули.

Податоците на ЕОДИ покажуваат дека еден случај со зафатеност на централниот нервен систем може да одговара на околу 140 лица кои биле заразени, но имале благи или немале никакви симптоми.

2018 година била најтешка сезона

Најголем број случаи во Грција биле регистрирани во 2018 година, кога биле потврдени 317 инфекции, а починале 51 лице. Минатата година биле регистрирани 96 случаи и девет смртни случаи.

Според актуелните податоци, бројот на инфекции оваа сезона значително се зголемува, особено во поширокиот регион на Атина.