Има некои работи за кои едноставно не може да се преговара, дури и не може да се помисли да му се спомене некому такво нешто, да му се каже ти не си ти, твојот јазик не е твој, твоето минато е лажно, а културата на која се повикуваш е туѓа. Тоа е најдолното нешто што некој некому може да му го направи, па дури и да му е прв непријател.
Е со такви идентитетски негации со децении се соочува оваа наша Македонија, постојано блокирана на својот пат само затоа што овие луѓе тука се чувствуваат Македонци, бидејќи јазикот што го говорат го знаат само како македонски, а историјата и културата се истите оние што им ги пренеле нивните предци.
А предците се тие што го оставиле аманетот да ја чуваме оваа наша Македонија, да го чуваме македонското битие без оглед колку некој и да се обидува да го искорени и избрише. Пустото, не се брише, а тоа го знаат сите оние во чие присуство ќе се заигра македонско оро, ќе се слушне македонска песна, ќе се разлее колоритот од народните носии од секое село, од секој македонски крај. Тоа јасно говори за богатството на македонскиот народ, богатство што едноставно не може да исчезне.
Затоа дипломатската борба што ја води земјава со соседите за зачувувањето на македонскиот идентитет треба да биде заедничка, без оглед на политичка, верска етничка или каква било друга припадност. Неодамна шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски спомена дека со Бугарија, со помал или поголем интензитет, има континуирани разговори и тоа е добро. Низ разговор се враќа довербата, низ разговор ќе се најдат решенија за прашањата околу кои се разидуваме бидејќи во едни вакви матни времиња, многу е поважно како соседи да се држиме едни до други отколку да се гледаме попреку.
Но и во тие разговори треба отворено да се пристапи. Да, ќе разговараме за сè, но не за нашиот идентитет, јазик, историја и култура. Тоа е само наша работа и некој ќе ги нарече црвени линии. Не се црвени линии бидејќи тоа е нашиот македонски геном. Не можеме него да го поништиме со никакво повлекување линии во која било боја, туку да бидеме чесни пред сите, отворени сме за решенија, но без задирање во нашиот идентитет. Кратко, јасно и отсечно, без некој да се надева дека некоја друга влада, некоја друга гарнитура или слично, можеби ќе биде пофлексибилна. Не, ние сме тие што сме и такви ќе нè прифатите, исто онака како што ние вас сме ве прифатиле.
Но можеби токму тука треба да се запрашаат и оние што со години не ги признаваат македонскиот идентитет, јазик и култура, дали таквиот однос навистина е европскиот однос на кој толку често се повикуваме. Може ли да се гради добрососедство со сосед кого не го признаваш онаков каков што самиот се чувствува, односно ти го викаш Трајче, иако неговото име е Никола? Може ли да се бара доверба од некого, а истовремено да му се кажува дека не е тоа што мисли дека е?
Една работа е Македонија да пројавува агресивно однесување, да има територијални претензии или да сака да им го загрози суверенитетот на соседите. Да беше така, ај ќе рече човек, се плашат, па реагираат. Но сосема друго е една држава да бара само да биде прифатена онаква каква што нејзините граѓани се чувствуваат, како Македонци, со македонски јазик, со своја историја и култура. Тоа не е закана за никого, ниту може да биде.
Напротив, можеби токму прифаќањето на различностите е она што ги прави европските општества европски. Ако во соседните држави живеат луѓе што се чувствуваат како Македонци, тогаш прифаќањето на нивното право да се чувствуваат така не треба да се доживува како опасност, туку како богатство. Држава што ќе покаже дека во нејзините граници има место и за различните идентитети, јазици и култури, само ќе докаже дека е доволно сигурна во себе за да не се плаши од различностите.
Тоа би бил вистински европски пример. Не да се бришеме едни со други, туку да научиме да живееме едни со други, со сите наши различности. Зашто ако добрососедството значи сите да бидеме исти, тогаш каква Европа воопшто градиме? Нели треба да учиме едни од други?
Нo тука кабает ја гледам и самата Европска Унија, која мораше да биде многу покатегорична. Прашањата за идентитетот, јазикот, историјата и културата не смеат да станат алатка со која една земја членка ќе може бесконечно да го условува својот сосед. За тоа постојат европски критериуми, постојат правила, постојат обврски. Ако една земја кандидат ги исполнува, тогаш нема логика некој дополнително да измислува услови само затоа што може да се закани со вето.
Впрочем, на Македонија не ѝ требаат никакви посебни гаранции за тоа кој е нејзиниот народ и кој е нејзиниот јазик. Најсилната гаранција треба да биде самата Европа. Во членот 22 од Повелбата за основните права на ЕУ јасно стои дека Унијата ја почитува културната, верската и јазичната разновидност, додека членот 3 од Договорот за ЕУ зборува за почитување на богатата културна и јазична разновидност на Европа. Секоја членка што ја претвора политиката на проширување во инструмент за негирање на туѓ идентитет, сериозно се оддалечува од вредностите што самата Европа ги прокламира.
Затоа, ако Европа навистина сака да биде Европа на различностите, тогаш тоа не смее да остане само убава реченица во европските документи. Треба да биде и принцип според кој ќе се однесува кон оние што сакаат да станат нејзин дел. Македонија не бара да биде поштедена од европските правила. Бара само правилата да важат еднакво за сите.
И можеби токму тоа е суштината на целата оваа приказна. Не бараме некој да ни подари идентитет, јазик или историја. Бараме само да не ни се одземаат. А тоа, ако Европа навистина е она што велиме дека е, не би требало да биде премногу големо барање.


































