Критикуван од неколку фудбалски конфедерации: Џани Инфантино

ФУДБАЛ – РИЧАРД МАСТЕРС, ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА ПРЕМИЕР-ЛИГАТА

  • Мастерс го поддржа повлекувањето на поддршката на Англиската фудбалска асоцијација за Инфантино и повика на нов кандидат за
    претседател, кој би можел да го обедини фудбалот

Извршниот директор на англиската фудбалска Премиер-лига, Ричард Мастерс, го критикуваше планот на претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, за продажба на светското првенство (СП), велејќи дека организацијата „го притиснала копчето за самоуништување“ со „самонанесена рана“. Инфантино е под зголемен притисок поради неговиот обид (подоцна напуштен) да создаде нова компанија за управување со комерцијалните права и правата за билети на сите натпреварувања на ФИФА, вклучувајќи ги и светските првенства, при што 21 отсто ќе ѝ бидат продадени на приватна инвестициска компанија. ФИФА Форвард ентерпрајз (ФФЕ) беше прекината по широките критики од неколку конфедерации, предводени од Европската фудбалска федерација (УЕФА), која се закани со бојкот на сите натпреварувања на ФИФА, пишува „Би-би-си“.
Мастерс го поддржа повлекувањето на поддршката на Англиската фудбалска асоцијација (ФА) за Инфантино и повика на нов кандидат за претседател, кој би можел да го обедини фудбалот.

– Ова е проблем што го направи ФИФА. Ова е самонанесена рана. Организацијата го притисна копчето за самоуништување, а последиците од тоа се влеваат во решенијата што треба да се најдат – рече Мастерс за „Би-би-си“.
Инфантино од друга страна, пак, доби поддршка од високи претставници на ФИФА на состанокот во Мароко, како и од конфедерациите на Африка, Јужна Америка и Океанија.
– Не мислам дека ФИФА некогаш треба да размислува за продажба на својот удел во СП. Тоа е непрофитна организација и треба да го зачува натпреварувањето за иднината на фудбалот. Мислам дека е лоша идеја и ФА го зазеде правилниот пристап кон Инфантино – рече Мастерс, пренесе „Би-би-си“.
Инфантино треба да се кандидира за четврти мандат во март и засега нема противкандидат. Крајниот рок за поднесување номинации е 18 ноември.
– Таквиот кандидат треба да има во својата програма реформа на ФИФА и можеби промена на улогата на претседателот и начинот на кој таа улога е поврзана со другите делови од организацијата – појаснува извршниот директор на Премиер-лигата.
Мастерс потсети дека една од обврските на ФИФА е да го спречи политичкото мешање во фудбалот. Тој ја критикуваше одлуката на ФИФА во случајот со американскиот репрезентативец Фоларин Балогун, кој доби директен црвен картон на СП 2026 поради прекршок врз играчот на БиХ, Тарик Мухаремовиќ, а отпосле му беше поништен.
– Загрижени сме за овој случај. Не разбирам зошто ФИФА нема јасна постапка за преглед на црвените картони, како онаа во Премиер-лигата. Тоа би било многу подобар начин да се продолжи – изјави меѓу другото извршниот директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс, за „Би-би-си“. Г.И.