- Факторите како што се тренинг-средини, повреди, големи животни транзиции, притисоци врз перформансите, изложеност на социјалните медиуми и организациска култура можат да влијаат на менталното здравје и на благосостојбата на спортистите
Поддршката на менталното здравје во елитниот спорт е заедничка одговорност што се протега многу подалеку од индивидуалниот спортист, според новата меѓународна консензусна изјава на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), објавена во специјално издание на Британскиот журнал за спортска медицина. Развиена од 31 меѓународен експерт по консензуалниот состанок свикан од ИОК во Лозана во јуни 2025 година, изјавата повикува на координирана акција низ целиот спортски екосистем, од спортски организации и лидери до тренери, помошен персонал, здравствени работници и самите спортисти. Наместо да се фокусира исклучиво на дијагноза и третман, изјавата се залага за поширок пристап кон промовирање на благосостојбата, вклучително и редовно следење за рано идентификување на грижите, намалување на бариерите за барање помош и поддршка на спортистите во текот на нивните спортски кариери, пишува ИОК.
Додека елитните спортисти доживуваат симптоми и нарушувања на менталното здравје со стапки слични на општата популација, а во некои случаи и повисоки, тие се соочуваат и со предизвици што се уникатни за елитната спортска средина. Факторите како што се тренинг-средини, повреди, големи животни транзиции, притисоци врз перформансите, изложеност на социјалните медиуми и организациска култура можат да влијаат на менталното здравје и на благосостојбата на спортистите. Централната порака на консензуалната изјава е дека одговорноста за менталното здравје во елитниот спорт се протега подалеку од индивидуалниот спортист. Авторите ги истакнуваат важните улоги што ги играат спортските организации, лидерите, тренерите, помошниот персонал, здравствените работници и самите спортисти во создавањето средини што ја поддржуваат потребната благосостојба.
– Одговорноста за превенција, препознавање и управување со симптомите и нарушувањата на менталното здравје и за промовирање на благосостојбата се протега низ целиот екосистем на елитен спорт – пишуваат експертите. Ажурирајќи ги претходните упатства објавени во 2019 година, препораките беа развиени преку процес на консензус предводен од ИОК во кој 31 меѓународен експерт испитаа 27 приоритетни области поврзани со менталното здравје и благосостојбата на спортистите – велат од ИОК.
Меѓу препораките, ИОК ги повикува спортските организации: да го вградат менталното здравје како споделена одговорност низ целиот екосистем на елитниот спорт; негуваат организациски култури што ги поддржуваат благосостојбата, психолошката безбедност и барањето помош; се справуваат со стигмата, загриженоста за доверливост и стравот од негативни последици во кариерата; спроведуваат скрининг и мониторинг на менталното здравје базиран на докази; утврдуваат јасни планови за итни акции за ментално здравје; обезбедуваат одговорна и индивидуализирана ментална здравствена заштита. Г.И.
Поддршка на спортистите во текот на нивните кариери
Изјавата, исто така, ја нагласува важноста на поддршката на спортистите за време на клучните транзиции, вклучително и влегувањето во елитниот спорт и пензионирањето од него, како и препознавањето на специфичните потреби на параатлетите и адолесцентните спортисти. Покрај тоа, се нагласува блиската врска меѓу менталното здравје, повредата и перформансите и се повикува тренерите, помошниот персонал и здравствените работници да добијат едукација и обука за ментално здравје приспособени на нивните улоги. Авторите заклучуваат дека заштитата и унапредувањето на менталното здравје се фундаментални и за благосостојбата на спортистите и за одржливите високи перформанси, што бара лидерство, одговорност и долгорочна посветеност од спортските организации, пишува ИОК.




































