Фото: Пиксабеј

Лошиот сон во средната возраст може да има последици и врз тоа колку долго човек ќе остане активен на пазарот на трудот. Ново истражување на Универзитетот во Турку во Финска покажува дека луѓето над 50 години со сериозни нарушувања на спиењето во просек имаат пократок очекуван работен век, пишува Гардијан (The Guardian).

Истражувачите ги анализирале навиките за спиење и работниот век на учесници на возраст од 50 до 68 години. Кај оние со умерени проблеми со спиењето очекуваниот работен век бил речиси пет месеци пократок, додека кај луѓето со сериозни нарушувања разликата достигнувала околу осум месеци, без оглед на полот или видот на работата.

Под нарушувања на спиењето се подразбирале тешкотии при заспивање, често будење во текот на ноќта, прерано будење и чувство дека сонот не донел вистински одмор. Водечката истражувачка, д-р Саана Милинтауста од Универзитетот во Турку, вели дека резултатите ја нагласуваат важноста на навременото препознавање и третирање на проблемите со спиењето во средната возраст.

Интересно е што истражувањето не покажало разлика во очекуваниот работен век меѓу луѓето што спиеле помалку од седум часа и оние што спиеле меѓу седум и осум и пол часа. Најкраток очекуван работен век имале оние што спиеле девет или повеќе часа, иако истражувачите предупредуваат дека долгото спиење може да биде поврзано и со други здравствени проблеми.

Авторите нагласуваат дека студијата не докажува дека лошиот сон сам по себе предизвикува порано напуштање на работата. Во анализата не можеле целосно да се земат предвид фактори како физичкото и менталното здравје, хроничните болести или условите на работното место. Сепак, резултатите укажуваат дека грижата за квалитетот на сонот во средната возраст може да биде важна и за здравјето и за способноста подолго да се остане работно активен.