Спомен што заслужува многу повеќе!

Пред точно 24 години, во редакцијата на скопската рубрика во „Нова Македонија“, каде што како секој почетник го калев новинарскиот занает, дојде еден од тогашните главни уредници на весникот и праша дали има некој кандидат да оди со припадниците на армијата на одбележување на годишнината од нападот кај Љуботенски Бачила.
Уште во моментот додека го поставуваше прашањето немав никаква дилема дека всушност ми се обраќа мене, имајќи предвид дека другите во просторијата беа припаднички на понежниот пол. Згора на тоа, имав служено и воен рок, така што немаше да ми биде проблем да се возам по правливите патишта на Скопска Црна Гора стуткан во теренско возило. Нема да кажам дека по малку и не чувствував страв оти, и покрај постигнатото мировно решение, сè уште оперираа некои терористички банди и имаше инциденти на разни места во западниот дел на државата.
Нејсе, прифатив да одам и за кратко време нè сместија во воени џипови и се упативме кон Љуботенски Бачила. Дотогаш никогаш не сум бил таму и откако возилата почнаа да се искачуваат високо на падините на планината, сфатив дека одиме во сериозна мисија, особено откако еден од старешините во возилото ни кажа дека не се целосно повлечени терористичките банди, кои и натаму влегуваат од Косово. На сртот ги снема и мрежните линии од мобилните телефони, завлеговме во некоја „зона на самракот“, истовремено толку величествена поради прекрасната природа, но и грозоморна поради настанот што се случил таму пред само една година.
Да, на тоа место терористичките групации подмолно поставиле мина на која налетал камион со македонски бранители, при што осуммина го загубија животот.
Пристигнавме. Старешината во возилото ни рече да седиме додека не добиеме дозвола да излеземе. Во исто време, преку прозорците на џиповите забележавме како воени специјалци се распоредија по околните ридишта.
„Што е работава?“, го прашав возачот на џипот, инаку и самиот специјалец.
„Терористите се уште тука по шумите, ги гледаме постојано како се движат, кога ќе им загусти бегаат на Косово, па пак се враќаат“, ми рече кратко, тропкајќи со прстите по воланот и фокусирајќи го погледот некаде во далечина.
По некое време стигна повикот дека може да излеземе. Излеговме сите новинари што бевме дојдени и отидовме до местото каде што беше поставена мината. Се положи цвеќе, се одржа краток говор дека нивната жртва нема никогаш да биде заборавена, по што веднаш бевме повикани во возилата и се упативме кон Скопје.
Си велам во себе, ќе дојде време кога овие луѓе што го дадоа животот за одбрана на Македонија ќе добијат вистински споменик тука, можеби и уреден парк, каде што младите генерации ќе доаѓаат на екскурзии за да учат како се сака и брани сопствената татковина. Нивната жртва нема никогаш да биде заборавена.
Тогаш така помислив. Тоа беше моето лично искуство од одбележувањето на годишнината од нападот кај Љуботенски Бачила. Овој напад се случи само два дена по исто така подмолниот и кукавички напад кај Карпалак, во кој животот го загубија 10 бранители.

Сето тоа беше пред 25 години. Но ниту денеска на овие места нема достоинствени спомен-обележја. Нема место на кое семејствата, нивните соборци, но и сите граѓани на оваа земја ќе можат да дојдат и да се поклонат пред жртвата на луѓето што го дадоа најскапото, својот живот.
Уште пострашно е што и поставените спомен-плочи, кои се појавуваат по повод одбележувањата, некој постојано ги сквернави, ги крши или ги отстранува. Плочата ќе биде поставена, ќе помине одбележувањето, а потоа исчезнува. Како некој намерно да сака да избрише дел од колективното сеќавање.
Но сега по 25 години тоа веќе не може да се правда со никакви политички околности, ниту со потребата да се гледа само напред. Една држава мора да знае како да го почитува сопственото минато, особено кога станува збор за луѓе што загинале во нејзина одбрана.
Тие луѓе не загинаа бранејќи една партија, една политика или една етничка заедница, туку загинаа бранејќи ги државата, нејзиниот унитарен карактер и безбедноста на нејзините граѓани. Во тоа време се соочија со вооружени групи што прибегнуваа кон насилство, убиства, закани и заплашување на сите етнички заедници само за да ги остварат своите цели, кои не беа ништо друго, освен освојување територии. Затоа жртвата на бранителите не смее да биде предмет на дневнополитички пресметки. Уште помалку смее да биде причина некој денес да ги крши или да ги отстранува спомен-обележјата.
Државата мора еднаш засекогаш да стави јасна граница кон сите деструктивни сили што и денес сакаат да го релативизираат она што се случило. Не заради создавање нови поделби, туку токму заради спротивното, за да покаже дека животот на секој нејзин граѓанин има еднаква вредност.
На тие падини кај Љуботенски Бачила не загинаа само осуммина луѓе. Таму загинаа осум животи, осум семејни приказни, осум иднини. И државата има обврска тие животи, како и на сите други што ги положија животите за одбрана на Македонија, да не ги препушти на заборавот.

По четвртина век, време е таму да има достоинствено спомен-обележје. Да има место каде што ќе може да се положи цвеќе и да се оддаде почит. И не само таму, исто е и во Вејце. Не за да се отвораат старите рани, туку за да се покаже дека жртвата не била залудна. И можеби најважно од сè, тоа спомен-обележје треба да биде порака дека Македонија ја почитува жртвата на сите оние што ја бранеле и дека никој, без разлика на етничката или политичката припадност, нема право да ја уништува меморијата на загинатите.
Тие ги дадоа животите бранејќи ја земјата во која живеат и бранејќи ги сите нејзини граѓани. Затоа почитта кон нив не треба да биде прашање на етничка припадност. Таа треба да биде прашање на човечност, достоинство и на почит кон сопствената држава. Барем толку можеме да направиме за нив.