Фото: Приватни архиви

Среќни вести

  • Периодов социјалните мрежи на училиштата и на здруженијата се преполни со фотографии и информативни текстови за успесите на нашите основци и средношколци, кои постигнаа високи резултати на државно и меѓународно ниво во многу области. Издвојуваме неколку имиња што сите нас нѐ направија горди, но ви ветуваме и подолги разговори со нив на страниците на „Колибри“ оваа есен

***
Тимот што ја претставуваше Македонија на 58. Меѓународна олимпијада по хемија во Ташкент, Узбекистан, освои една бронза и три пофалници. Во конкуренција од 363 ученици од 93 држави, бронзен медал освои ученичката Теона Ана Георгиевска од ПСУ „Јахја Кемал“ од Скопје, а пофалници добија Даниел Христов од СОУГ „Славчо Стојменски“ од Штип, Даниел Христовски од ПСУ „Јахја Кемал“ од Скопје и Георги Николоски од СОУГ „Мирче Ацев“ од Прилеп.

***
Битолчанката Искра Нечаковска, ученичка во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ освои сребрен медал на Европската олимпијада по физика во Гетеборг, Шведска. Наградата е круна на нејзините досегашни врвни успеси, како што се бронзениот медал на Меѓународната олимпијада по физика во Франција минатата година, сребрениот медал и специјалната награда на Балканската олимпијада во Црна Гора, како и бронзениот медал на Меѓународната јуниорска олимпијада во Богота, Колумбија.

***
Дамјан Давков од Штип е најуспешен млад математичар во Македонија. По големиот број високи меѓународни награди, годинава тоа го потврди и со златните медали освоени на првата Европска математичка олимпијада одржана во Вилнус, Литванија, и на 43. Балканска математичка олимпијада во Солун, Грција. Сојузот на математичари на Македонија го постави Дамјан како прворангиран член на македонската екипа според резултатите од изборните тестирања и Македонската математичка олимпијада.

***
Петтоодделенецот Андреј Цековски од Скопје е ученик во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, каде што изучува пијано под менторство на проф. Марија Диманин Богоевска. Тој во март годинава го освои првото место на интернационалниот натпревар „Интернешнл јут мјузик компетишнс“ (International youth music cometitions). Како дополнително признание за постигнатиот успех, Андреј Цековски е официјално поканет во септември годинава во Њујорк, каде што ќе ја прими наградата и ќе одржи свој музички настап во рамките на свечениот концерт на победниците.

***
Тринаесетгодишниот Коста Попристовски од Богданци постигна извонреден меѓународен успех, освојувајќи златен медал, прво место и победнички пехар на престижниот натпревар „Математика без граници“, кој се одржа во Несебар, Бугарија. Младиот математички талент триумфира во категоријата „Лудовико Ферари“, оставајќи зад себе силна конкуренција од ученици од дури 42 држави и искачувајќи се на највисокото место. Интересно и фасцинантно е тоа што Попристовски брилираше и на Интернационалниот шаховски шампионат „Лејк квин“ (Lake Quen), на кој е прогласен за победник во својата категорија и именуван како шаховска ѕвезда во подем.

Ф.Д.