Фото: „Нова Македонија“

Грција со вето на предлог-одлуката во ЕУ за санкционирање на рускиот течен природен гас (ЛНГ)

  • Атина го блокира 21. пакет на санкции. Таа издејствува исклучок за транспортот на руски течен природен гас (ЛНГ) кон трети земји и покажа дека националниот интерес во ЕУ сè уште може да го промени текот на заедничката политика на Унијата. Имено, кога економските интереси на една земја ќе бидат доведени во прашање, европската солидарност многу брзо отстапува пред националниот интерес. Грција не само што се
    спротивстави на новите санкции туку и го искористи своето право на вето за да издејствува конкретна отстапка за својата бродска индустрија

Повеќе од четири години ЕУ настапува со пораката дека санкциите против Русија се симбол на европското единство и доказ дека земјите членки се подготвени заедничките интереси да ги стават над националните. Но најновиот спор околу рускиот течен природен гас (ЛНГ) покажа една поинаква реалност – онаа што, всушност, отсекогаш постоела во ЕУ. Имено, кога економските интереси на една земја ќе бидат доведени во прашање, европската солидарност многу брзо отстапува пред националниот интерес. Грција не само што се спротивстави на новите санкции туку и го искористи своето право на вето за да издејствува конкретна отстапка за својата бродска индустрија.
Атина повеќе од една недела го блокираше усвојувањето на 21. пакет санкции против Москва, барајќи исклучок со кој грчката компанија „Динагас“ ќе може да продолжи да транспортира руски ЛНГ кон клиенти надвор од ЕУ. На крајот, Брисел попушти, а пакетот беше усвоен на 23 јули. Овој случај е потврда дека националниот суверенитет во ЕУ не исчезнал, туку само привремено се става во втор план, сè додека не бидат загрозени националните економски интереси.

ЕУ почнува да ја преиспитува стратегијата за воведување санкции

Грција не ја блокираше само мерката што директно ја засега нејзината бродска индустрија. Нејзиното вето го закочи целиот пакет санкции, вклучувајќи ги и мерките насочени кон руските банки, финансискиот сектор, нафтените приходи и други делови од руската економија. Токму поради ваквиот развој во Брисел веќе се разгледува промена на пристапот кон идните санкции. Наместо големи пакети во кои десетици различни мерки се ставаат во еден политички пакет и потоа мораат да добијат едногласна поддршка од сите 27 држави, во Европската Унија се разгледува можност санкциите да се носат поединечно или во помали тематски целини.
Официјално, таквиот пристап би требало да овозможи побрзо и поефикасно донесување на мерките. Но суштината е многу посериозна. Самата потреба да се размислува за промена на моделот претставува признание дека сегашниот начин на демонстрација на европско единство станува сè потежок за одржување. Ако една држава може да го запре целиот пакет затоа што има проблем со една конкретна мерка, тогаш санкциската политика престанува да биде само инструмент на заедничката европска надворешна политика и станува простор за национално пазарење. Токму тоа го покажа грчкиот случај.

Суверенитетот никогаш не исчезна

Грција го бранеше интересот на „Динагас“, грчка бродска компанија поврзана со бизнисменот Јоргос Прокопиу, која располага со специјализирани танкери за превоз на ЛНГ во арктички услови. Компанијата е силно поврзана со транспортот на рускиот ЛНГ од проектот „Јамал“, а грчката страна тврдеше дека целосната забрана би ја погодила европската бродска индустрија, додека работата би ја презеле превозници од други држави надвор од ЕУ.
Без разлика дали оваа процена е целосно точна или не, Атина не размислуваше првенствено како членка на Европската Унија, туку како држава што треба да ги заштити сопствените економски интереси, работните места и стратешките компании. Тоа е класичен суверенистички пристап, според кој државата останува главниот носител на политичките и економските одлуки. Токму ваквиот пристап се покажа посилен од амбицијата Брисел да демонстрира беспрекорно европско единство. И уште поважно – Грција не остана само на политичко спротивставување. Таа го искористи ветото како средство за преговарање и на крајот доби конкретна отстапка.

Атина доби исклучок за рускиот ЛНГ

На 23 јули Советот на ЕУ го усвои 21. пакет санкции против Русија. Пакетот опфаќа 218 санкционирани лица и субјекти, нови мерки против рускиот енергетски и финансиски сектор, дополнителни ограничувања кон таканаречената руска „сенка флота“, како и нови мерки поврзани со ЛНГ-танкерите. Но токму кај рускиот ЛНГ беше направена отстапка што ја побара Грција.
Според договореното, превозот на руски ЛНГ кон трети земји може да продолжи во рамките на постојните долгорочни договори склучени пред 24 февруари 2022 година. Исклучокот важи до 25 јули 2027 година, со можност за годишно продолжување, а количествата се ограничени на нивоата од 2025 година. Компаниите што ги користат овие исклучоци имаат и обврска за известување до националните власти и Европската комисија.
Така, она што пред неколку недели изгледаше како директен судир меѓу Атина и Брисел заврши со компромис во кој Грција го доби токму она што го бараше – можност грчкиот бродски сектор да продолжи со определени активности поврзани со рускиот ЛНГ. Тоа е можеби најважниот политички момент од целата приказна. Европската Унија не се откажа од санкциите. Но во конкретен случај дозволи исклучок откако една земја членка покажа дека без нејзина согласност нема да има целосен договор.

Не е само Грција таа што му се спротивстави на Брисел

Она што дополнително ја потврдува оваа слика е фактот дека Грција не беше единствената држава што во текот на преговорите ги бранеше сопствените интереси. Бугарија, на пример, стави вето на предлогот за санкционирање на московскиот патријарх Кирил, а се спротивстави и на вклучувањето на рускиот милијардер Вагит Алекперов. Двете имиња потоа беа отстранети од предлогот што се разгледуваше во преговорите.
Во истите преговори и други држави бараа исклучоци или измени на мерките што можат да ги погодат нивните економски интереси. Германија и Португалија се спротивставуваа на ограничувањата за увоз на одредени видови руска риба поради влијанието врз домашната преработувачка индустрија, Франција и Италија бараа ублажување на одредени визно-политички мерки, додека Австрија повторно го отвори прашањето за руските средства замрзнати во ЕУ.
– Да ве потсетам, Германија, Полска и Португалија не дозволија санкции за увозот на руска риба. Франција и Италија обезбедија ублажување на визните ограничувања за одредени категории руски воени лица. Бугарија ги блокираше санкциите против московскиот патријарх Кирил. Ова покажува дека кога санкциите директно ги засегаат домашните компании, националната економија или чувствителни политички прашања, европското единство многу брзо добива исклучоци. Во суштина, секоја земја членка ја поддржува заедничката политика сè додека цената ја плаќа некој друг – истакнува нашиот соговорник, кој отворено зборуваше за судирот на интересите на национално наспроти наднационално ниво, во „арената“ во Брисел.
Тоа покажува дека грчкиот случај не е изолиран. Разликата е само во степенот на политичката тежина. Атина отиде чекор подалеку и го искористи своето вето за да ја поврзе судбината на целиот пакет со интересите на својот бродски сектор. Во суштина, секоја земја членка ја поддржува заедничката политика сè додека цената што треба да ја плати не станува превисока за нејзината домашна економија.

Брисел сè потешко ја наметнува наднационалната логика

Европската Унија со години се развиваше врз идејата дека наднационалните институции постепено ќе стануваат поважни од националните влади. Во многу области навистина се случи тоа. Но кризите – финансиската, миграциската, енергетската и војната во Украина – покажаа дека државите не се подготвени лесно да се откажат од контролата врз сопствените стратешки интереси.
Санкциите против Русија се еден од најдобрите примери за оваа противречност. Од една страна, Брисел настојува да покаже единство и заедничка стратегија. Од друга страна, секоја одлука за нови санкции мора да помине низ националните престолнини и да ја добие согласноста на сите земји членки. Токму тука се појавува слабата точка на системот.
Кога санкциите се релативно евтини за одредена држава, таа лесно може да ги поддржи. Но кога мерката директно погодува национална компанија, стратешка индустрија, работни места или важен економски сектор, политичката пресметка се менува. Тогаш „европскиот интерес“ станува предмет на преговори. И грчкиот случај го покажа тоа на најдиректен можен начин.

Грчкото вето го промени и самиот начин на размислување во Брисел

Најсериозна последица од спорот можеби нема да биде самиот исклучок за „Динагас“, туку промената во размислувањето за тоа како во иднина ќе се носат санкциите. Во Брисел веќе се појавија предлози наместо големи пакети санкции да се користат помали и поспецифични мерки. Причината е едноставна – ако една држава има сериозен интерес да блокира една мерка, таа не би можела автоматски да го запре целиот пакет. Тоа би значело дека самиот грчки потег веќе има институционална последица.
Наместо да го зајакне моделот на европско единство, грчкото вето го натера Брисел да размислува како да го заобиколи механизмот што на националните влади им овозможува да го условуваат целиот пакет со едно конкретно национално прашање. Од една страна, тоа е обид да се зачува ефикасноста на санкциската политика. Но, од друга страна, тоа е и признание дека националните интереси станаа доволно силни за да го диктираат темпото на европската политика.
– Самата потреба да се менува начинот на носење санкции претставува признание дека моделот на демонстрација на европско единство повеќе не функционира. Ако секој пакет станува поле за национално пазарење, тогаш повеќе не станува збор за заедничка европска политика, туку за компромис составен од различни национални интереси. И токму тоа е политичката порака што произлегува од последниот спор околу ЛНГ – велат наши соговорници од Брисел.

Спорот околу грчкото вето не се однесува само на рускиот гас

Затоа грчкото вето не треба да се гледа само како спор околу рускиот ЛНГ или како борба за интересите на една бродска компанија. Станува збор за многу пошироко прашање – каде завршува европската политика, а каде почнува националниот интерес. Грција покажа дека и во момент кога Европската Унија сака да демонстрира единствен фронт против Русија, една национална влада може да го запре целиот процес ако процени дека нејзиниот економски интерес е загрозен. А уште поважно, Атина покажа дека ветото не мора да биде само средство за блокада. Тоа може да биде и средство за преговарање. Грција го задржа својот отпор, преговараше и на крајот доби исклучок за транспортот на руски ЛНГ кон трети земји. ЕУ, пак, го усвои 21. пакет санкции, но со компромис што претходно не беше дел од првичната замисла.
Токму затоа овој случај претставува своевидна лекција за функционирањето на Европската Унија. Колку и да се нагласува европската солидарност, конечната политичка одлука сè уште се носи во националните престолнини. Таму каде што се проценува дали санкциите ќе ги погодат домашната економија, националните компании и животниот стандард на сопствените граѓани.
Грчкиот случај покажува дека Брисел може да постави заедничка стратегија, но кога ќе дојде редот на националниот интерес, земјите членки сè уште го имаат последниот збор. А можеби токму затоа најважната последица од грчкото вето не е исклучокот за рускиот ЛНГ, туку сознанието дека европското единство има граница што се повлекува таму каде што почнува националниот интерес. Р.С.