Фото: ЕПА

Вашингтон планира санкции против оние што продолжуваат да ја одржуваат руската енергетска машина во живот. Тоа е суштината на новиот закон за санкции. И затоа законот може да биде многу поважен од самата бројка од 100 отсто.
Бидејќи стоотстотната царина не мора ни да биде воведена за да има ефект. Доволно е европските компании да знаат дека Вашингтон има политичка и законска можност да ја повлече таа рачна сопирачка. Тогаш инвеститорите почнуваат да се повлекуваат. Банките стануваат повнимателни. Осигурителите поставуваат нови услови. Трговците бараат нови доставувачи…
А Бугарија се наоѓа на една од најчувствителните раскрсници на европската енергетска карта. Таму се сечат рускиот енергетски наследен систем, европските санкции, балканската трговија, „Лукоил“, црноморските рути и новиот американски интерес за енергетска диверзификација.
А Софија во исто време сака да биде и лојален член на западниот блок и чувар на сопствените руски економски интереси. Тоа можеби можеше да функционира во 2022, 2023 или 2024 година. Во 2026 година станува многу потешко.
Затоа што Вашингтон сега не прашува само дали сте со Русија или со Украина. Вашингтон почнува да прашува нешто многу поконкретно: Со чии пари ја купувате енергијата? И уште поважно: Каде завршуваат тие пари?
Ако американскиот Конгрес го усвои законот и ако Доналд Трамп реши да ги активира неговите најостри одредби, Европа ќе мора да избере. Не декларативно. Не со уште еден пакет заклучоци од Брисел. Туку со конкретна економска одлука. Или ќе продолжи да купува руска енергија и ќе го прифати ризикот од американски секундарни мерки или ќе ја забрза диверзификацијата и конечно ќе ја затвори европската „задна врата“ за руската енергија.
А за Бугарија изборот е уште почувствителен. Затоа што земјата веќе не може истовремено да биде порта кон американскиот течен гас ЛНГ, европски енергетски коридор и удобна балканска зона за руските енергетски интереси. Во новата геополитика на енергијата, неутралноста станува луксуз. А политиката на два колосека – сè поскапа навика. П.Р.


Уреднички коментар

Европа со две лица, Софија со едно старо лице…

Лицемерството во политиката отсекогаш било најудобно засолниште за оние што немаат принципи, но имаат интереси. Денес Брисел зборува за демократија, владеење на правото, човекови права, европски вредности и самоопределување, а истовремено дозволува една негова членка тие исти вредности да ги претвора во средство за политички притисок врз соседот. Тоа не е принципиелна политика. Тоа е политички маркетинг.
Уште полошо – тоа е европско лицемерство облечено во институционален костум.
Бугарија, пак, како да ја повторува својата стара политичка матрица: да застане покрај посилниот, да му биде најлојален приврзок, а за возврат да очекува политички дивиденди што не би можела да ги добие со аргументи, право и морал.
Историјата на Бугарија во дваесеттиот век е полна со такви пресметки – од балканските конфликти и Првата светска војна, преку сојузништвата во Втората светска војна, па до денешната европска политика.
Не станува збор за тоа дека една држава „секогаш“ била на погрешната страна на историјата. Станува збор за нешто многу посериозно. Имено, за политичкиот синдром дека секогаш е дозволено да се избере страната на посилниот ако од тоа може да се извлече територијална, политичка или економска корист. И токму тој синдром денес повторно го гледаме. Само што арсеналот е поинаков. Наместо топови и дивизии и администратори, сега има европски заклучоци, протоколи, блокади, условувања, вета и дипломатски уцени. Наместо војска – институција. Наместо окупација – услов. Наместо ултиматум – „европски критериум“.
А суштината понекогаш останува иста. Посилниот да му објаснува на послабиот како треба да се нарекува, што треба да памети и како треба да ја толкува сопствената историја. Токму затоа спорот на Софија со Македонија одамна престана да биде обичен билатерален спор. Кога една држава бара од друга да прифати туѓо толкување на сопствениот идентитет, јазик, историја и самоименување како услов за нејзиниот европски пат, тогаш веќе не зборуваме само за дипломатија.

Зборуваме за злоупотреба на моќта. А кога тоа се прави под чадорот на Европската Унија, проблемот станува уште поголем. Зашто Европската Унија не смееше да биде клуб во кој големите и силните им дозволуваат на своите членки да ги користат заедничките институции за да ги решаваат сопствените историски фрустрации со соседите. Европа требаше да биде спротивното. Место каде што силата на правото го заменува правото на силниот. Но што гледаме?
Гледаме како една членка на Унијата ја внесува сопствената историска агенда во европскиот процес, а Брисел ја прифаќа како политичка реалност. Гледаме како принципот на самоопределување станува преговарачка ставка. Како јазикот станува политички услов. Како историјата станува инструмент за блокада. Како идентитетот станува предмет на дипломатско ценкање.
И тогаш мора да се постави едно едноставно прашање: Каква демократија е тоа во која посилниот му дозволува на послабиот да биде „слободен“ само доколку се согласи со неговото толкување на сопственото постоење? Тоа не е европска вредност. Тоа е нејзина карикатура.
А Софија, наместо да ја искористи Европа за да стане пример на европска политичка зрелост, повторно се обидува да ја искористи Европа за сопствена национална агенда. Истата стара пресметка, само со нов декор. Некогаш се барала територија. Денес се бара политичка капитулација. Некогаш се испраќале армии. Денес се испраќаат вета.
Но ако суштината е да му се наметне на соседот што е, како се вика и што смее да памети – тогаш разликата е само во методот. И токму затоа Македонија не смее да прифати дека нејзиното право на европска иднина зависи од туѓото право да ѝ го редефинира идентитетот.

Европа мора да одлучи што навистина е. Заедница на права или заедница на интереси? А Софија мора конечно да сфати дека полтронството кон големиот не е државничка мудрост. Тоа е само политичка зависност со повисок степен на самозалажување. Историјата можеби не се повторува буквално. Но политичките менталитети – очигледно да.
И најголемата иронија е тоа што оние што денес на Македонија ѝ држат лекции за европските вредности, самите покажуваат колку лесно тие вредности се забораваат кога ќе се судрат со националниот интерес.
Европа без принципи е само геополитички пазар. А Брисел што дозволува членките да го користат тој пазар за уцена на соседите не гради Европа. Гради нова верзија на старата политика на сила. Само со поубаво име. Р.Н.М.