Фото: Фрипик

Разговор со проф. д-р Љупчо Кеверески

  • Иднината на образованието треба да се движи кон персонализирано учење, флексибилни наставни модели и системско негување на извонредноста.
    Нашата задача не е само да препознаеме талентирани деца туку и да создадеме услови тие да станат креативни, одговорни и општествено ангажирани личности што ќе придонесуваат за развојот на заедницата

Љупчо Кеверески е универзитетски професор по психологија на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, а негова специјалност е научното истражување во областа на надареноста и талентираноста кај децата. Неодамнешното излегување од печат на неговиот „Прирачник за родители на талентирани и надарени деца“, како и Меѓународниот ден на младите, кој се одбележува на 12 август, беа повод за разговор на оваа важна тема.

Професоре, ве молам да појасниме како се дефинира талентирано, а како се дефинира надарено дете?

– Во современата психологија и педагогија овие два поима не се синоними, иако во секојдневниот говор често се користат како такви. Надареноста претставува природен, потенцијален психолошки капацитет – збир на натпросечни когнитивни, креативни, емоционални или психомоторни предиспозиции со кои детето се раѓа. Тоа е потенцијал што сè уште не мора да биде видлив преку конкретни постигнувања.
Талентот, пак, претставува развиена, препознаена и потврдена форма на надареноста. Тој е резултат на интеракцијата помеѓу вродените потенцијали, квалитетната образовна средина, поддршката од семејството, мотивираноста и личниот ангажман на детето.
Во рамките на мојот ХОДИМОН (Холистички диференцијален модел на надареност), надареноста ја дефинирам како латентен развоен потенцијал, а талентот како актуализирана и стабилизирана форма на таа надареност. Со други зборови, секој талент потекнува од надареност, но не секоја надареност ќе се развие во талент доколку не постојат соодветни услови за нејзин развој.

Неодамна го објавивте „Прирачникот за родители на талентирани и надарени деца“. Што опфаќа тој?

– Прирачникот е создаден како практичен и научно заснован водич за родителите, но истовремено и за наставниците, психолозите, педагозите и сите што работат со деца.
Во него се обработуваат најсовремените сознанија за раното препознавање на надареноста, психолошките и емоционалните карактеристики на овие деца, нивните образовни потреби, мотивацијата, креативноста, емоционалната интелигенција, менталното здравје, комуникацијата во семејството, како и практични препораки за секојдневна поддршка.
Посебен акцент е ставен на улогата на родителите како први препознавачи и најважни развојни партнери на детето. Прирачникот не нуди универзални рецепти, туку современи насоки што се темелат на најновите научни истражувања и добри меѓународни практики.

Дали како држава доволно системски го следиме развојот на надарените и на талентираните деца?

– За жал, сè уште не во доволна мера. Иако постојат поединечни успешни иницијативи и голем број посветени наставници и стручни служби, Македонија сè уште нема целосно интегриран национален систем за рано откривање, идентификација, следење и развој на надарените и талентираните деца.
Современите образовни системи не се задоволуваат само со препознавање на талентот, туку воспоставуваат континуирана поддршка – индивидуални образовни планови, менторски програми, психолошка поддршка, специјализирани центри и национални регистри.
Талентот не треба да биде оставен на случајноста. Тој претставува национален развоен ресурс. Инвестицијата во талентираните деца не е привилегија за мал број ученици, туку стратешка инвестиција во идниот интелектуален, научен, економски и културен развој на државата.

Што им е најнеопходно и што им недостига на овие деца?

– Најмногу им недостига разбирање. Надарените и талентираните деца честопати не бараат повеќе пофалби, туку повеќе предизвици, интелектуална стимулација и средина што ќе ги прифати такви какви што се.
Ним им се потребни наставници што ќе ја препознаат нивната љубопитност, родители што ќе ја поддржат нивната автономија, врсници со кои ќе можат да ги споделуваат своите интереси и психолошка сигурност во која нема да се плашат да бидат различни.
Особено е важно да се води грижа и за нивниот социоемоционален развој, бидејќи многу талентирани деца покажуваат висока чувствителност, перфекционизам, силно чувство за правда и изразена емпатија. Затоа развојот на талентот секогаш треба да биде придружен со развој на личноста.

Дали образовниот процес овозможува доволна посветеност и мотивираност кај нив?

– Постојниот образовен систем создава можности, но тие не се секогаш доволни за учениците со натпросечни способности. Наставата најчесто е насочена кон просечниот ученик, додека талентираните деца имаат потреба од побрзо темпо, поголема комплексност, истражувачка работа, креативни задачи и индивидуализиран пристап.
Мотивацијата кај овие ученици не се одржува преку оценки, туку преку чувство на смисла, интелектуален предизвик и можност да го развиваат сопствениот потенцијал.
Затоа, иднината на образованието треба да се движи кон персонализирано учење, флексибилни наставни модели и системско негување на извонредноста. Нашата задача не е само да препознаеме талентирани деца, туку да создадеме услови тие да станат креативни, одговорни и општествено ангажирани личности што ќе придонесуваат за развојот на заедницата.


Десет препораки за родителите на надарените и талентираните деца

Прифатете го детето такво какво што е – неговата вредност не зависи само од неговите успеси.
Развијте ја емоционална интелигенција – научете го да ги препознава, именува и регулира своите емоции.
Пофалувајте го трудот, а не само резултатот – така се градат истрајност и внатрешна мотивација.
Поттикнувајте ја љубопитноста – дозволете му да истражува, да поставува прашања и да експериментира.
Не споредувајте го со другите деца – секое надарено дете има свој уникатен пат на развој.
Развивајте емпатија и социјални вештини – успехот е поврзан и со квалитетни односи.
Одржувајте емоционална рамнотежа – покрај учењето, важни се играта, одморот, спортот и семејството.
Соработувајте со училиштето и стручните служби – партнерството носи најдобри резултати.
Создајте безбедна и поддржувачка средина – домот треба да биде место каде што детето слободно размислува и се развива.
Верувајте во неговиот потенцијал – најголемиот подарок се вашата доверба, љубов и поддршка.
Наведените пораки се клучни во поддршката и развојот на вашите надарени и талентирани деца.

Проф. д-р Љупчо Кеверески


Треба да пораснат

Возрасните треба да знаат, дека треба да растат и растат, за ѕвездоредот да го фатат и децата да ги сфатат.
Да пораснат не во тежина и висина, туку во ум и чистина,сѐ што е добро треба да зберат, па дури тогаш децата да ги разберат.
И, родители, немојте да слегувате, да се мачите на ниво на детето, не треба да се симнете, туку да се искачите.

Филип Димкоски
(од книгата „Заедно да
растеме“, Aкадемски печат, 2018)