Владата во моментов нема да воведува нови мерки за ограничување на цените, бидејќи инфлацијата и движењето на цените се под контрола, изјави заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Тој посочи дека последното поскапување на дизелот е последица на движењата на светските берзи, но нагласи дека Владата со намалувањето на акцизата и ДДВ-то на горивата успеала да ги задржи цените пониски од оние во соседните земји.
– Нашата цел е цените на горивата да останат пониски од регионалниот просек и да не предизвикаат дополнителен раст на цените на прехранбените производи. Доколку има потреба, Владата има законски механизми да интервенира, но сите мерки мора да бидат добро анализирани за да не предизвикаат нов инфлаторен притисок – изјави Ристески.
Тој нагласи дека Владата нема да дозволи нарушување на животниот стандард и куповната моќ на граѓаните, потсетувајќи дека во минатото државата се соочувала со двоцифрена инфлација и значително поскапување на основните производи.
Според Ристески, Македонија во моментов има едни од најниските цени на горивата во регионот, што, како што рече, го потврдува и фактот дека граѓани од соседните земји доаѓаат да точат гориво во земјава.
Тој додаде дека анализите на Државниот пазарен инспекторат, направени врз околу 700 производи, покажуваат дека нема значителен раст на цените, а кај дел од сезонските земјоделски производи и овошјето е забележано и намалување.
– Минималните поскапувања се должат на повисоките транспортни трошоци и на растот на цените на увозните суровини и репроматеријали. Засега нема потреба од дополнителни мерки – рече Ристески.
Тој најави дека есенва во Собранието ќе бидат доставени измените на Законот за нефер трговски практики, со кои се предвидува значително заострување на казните.
– Максималната казна, која сега изнесува 20.000 евра, ќе биде зголемена десеткратно. Со измените ќе се спречат можностите за манипулации и ќе се воведат санкции и за добавувачите кои учествуваат во нефер трговски практики – изјави заменик-министерот.
































