Фото: МИА

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за „Брисел Плејбук“ на „Политико“ оцени дека Македонија заслужува праведен, предвидлив и кредибилен пат кон полноправно членство во Европската Унија, по повеќе од две децении чекање.

Според Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, „Политико“ потсетува дека земјата е кандидат за членство од 2005 година и е целосно усогласена со надворешната политика на ЕУ, но пристапните преговори сè уште не напредуваат со очекуваната динамика.

 – Да се каже дека кон нас се постапувало неправедно е преблага формулација – изјави Муцунски, додавајќи дека земјата станала „студија на случај“ за тоа како билатералните спорови можат да го блокираат процесот на европско проширување.

Тој посочи дека, за разлика од Македонија, другите земји кандидати бележат значителен напредок на европскиот пат. Како примери ги наведе Црна Гора, која е најнапредна во преговорите, Албанија, која веќе затворила неколку преговарачки поглавја, како и Украина и Молдавија, кои исто така напредуваат во процесот.

Во интервјуто се потсетува дека земјата претходно ги направи промените на знамето и уставното име, а денес се соочува со бугарското барање за внесување на Бугарите во Уставот како услов за продолжување на евроинтегративниот процес.

 – Идејата за измена на Уставот стана политички токсична по премногуте направени отстапки. Граѓаните се уморни од постојаното поместување на целта и не веруваат дека ова ќе биде последното барање – изјави Муцунски.

Тој оцени дека станува збор за „апсолутна злоупотреба на позицијата на една земја членка на Европската Унија“, но додаде дека не смета оти критиките кон начинот на одлучување во ЕУ би биле од корист за државата.

Муцунски нагласи дека Македонија нема алтернатива на европската интеграција и останува цврсто посветена на членството во Унијата.

 – Нашата држава го нема луксузот да има алтернатива Б или алтернатива В – порача министерот.