Проблемот со недостигот на дел од терапијата за онколошките пациенти е надминат, а испораката на лековите веќе е во тек, соопшти денеска Ана Марјановиќ од здружението „Хема-Онко“.
Таа информираше дека дел од терапијата пристигнал на Клиниката за радиотерапија и онкологија вчера, додека останатиот дел се очекува да биде испорачан во наредните два дена.
– Преку групата ‘Пеперутки’ ќе ги информираме пациентите кога ќе пристигне секој лек, за да не мора непотребно да доаѓаат и да чекаат на овие високи температури – рече Марјановиќ.
Таа нагласи дека пациентите не бараат привилегии, туку навремена и континуирана терапија, како и системски решенија што ќе спречат идни прекини во набавките.
Според неа, недостигот се однесувал на терапиите Фулвестрант, Золадекс и Рибоциклиб за пациентите со рак на дојка, како и на дел од цитостатската терапија за болните од рак на дојка и дебело црево. Во моментов, рече, оваа состојба е надмината и пациентите ќе ја добијат потребната терапија.
Марјановиќ потсети дека и покрај зголемениот буџет за онкологија и спроведениот тендер во мај, во текот на летото повторно имало прекини во снабдувањето.
– Во овој момент терапијата е обезбедена, но сакаме да испратиме порака дека нема да молчиме секогаш кога ќе има недостиг на лекови за онколошките пациенти – истакна таа.
Таа изрази надеж дека, како што соопштила и Клиниката за радиотерапија и онкологија, нема да има дисконтинуитет во лекувањето, но предупреди дека пациентите со години живеат во неизвесност поради честите прекини во набавките.
Марјановиќ оцени дека земјата нема долгорочна стратегија за борба против ракот, укажувајќи на недоволна превенција, отсуство на ефикасни скрининг-програми и потреба од подобрување на законската рамка за набавка на лекови.
– Не сакаме да бараме виновници, туку трајни решенија. Без континуитет во терапијата, добра превенција и долгорочна стратегија, постојано ќе се соочуваме со истите проблеми – порача Марјановиќ.
Таа додаде дека здружението има редовна комуникација со Министерството за здравство и го поддржува планот за децентрализација на онколошката терапија, но нагласи дека за тоа се потребни добра организација, соодветни услови и внимателно планирање.
На крајот, Марјановиќ апелираше онколошките пациенти да не бидат предмет на дневно-политички пресметки.































