Zesko vreme, leto, visoki temperaturi
Фото: ЕПА

Секој шести жител на Велика Британија презема драстични мерки за да се справи со топлотните бранови – спие во кујна, зема отсуство од работа или плаќа престој во хотел за да избега од неподносливата жештина, покажува истражување на хуманитарната организација „Ситизенс адвајс“.

Истражувањето открива дека милиони луѓе во Обединетото Кралство живеат во домови кои не можат да ги разладат. Дури 44 проценти од испитаниците изјавиле дека не можат да спречат прегревање на своите живеалишта.

Од организацијата предупредуваат дека станува збор за „целогодишна криза“, бидејќи граѓаните се соочуваат со екстремни горештини во лето, а со високи сметки за енергија во зима. Поради тоа, тие бараат Владата да преземе дополнителни мерки за подобрување на условите за домување.

За да ја намалат температурата во домовите, околу четири милиони Британци прибегнуваат кон импровизирани решенија, како поставување алуминиумска фолија, картон или влажни чаршафи на прозорците.

Истражувањето покажува и дека лошо дизајнираните домови, кои лесно се претвораат во „топлотни стапици“, создаваат чувство на беспомошност кај жителите. Половина од станарите во станбени згради (51 процент) сметаат дека немаат доволно можности да го спречат прегревањето на своите домови, наспроти 40 проценти од сопствениците на куќи.

Дополнително, околу 90 илјади корисници на системи за централно греење изјавиле дека не можеле да го исклучат греењето ниту во текот на летните месеци.

Директорката на „Ситизенс адвајс“, Дејм Клер Мориарти, истакна дека за многумина топлотните бранови не претставуваат можност за уживање во сончевото време, туку значат живот во прегреани домови без можност за регулирање на температурата.

Британската влада најави измени на правилата со цел граѓаните полесно да добијат финансиска поддршка за инсталирање топлински пумпи, кои можат да се користат и за ладење и за загревање. Воедно, најавени се и нови стандарди за изградба на станбени објекти што ќе обезбедат подобра заштита од прегревање.

Истражувањето е спроведено од агенцијата „Јондер“ на 1 и 2 јули, на примерок од 2.105 возрасни лица во Велика Британија.