ТАЛЕНТИ: Ангел Димитров (15), свирач на народни инструменти
- За мене Македонија е неисцрпен извор на инспирација и потребно е да се откријат и повторно да се вратат во живот многу прекрасни македонски песни.Јутјуб, Википедија, фолклорниот институт „Марко Цепенков“ и објавените збирки песни на Васил Хаџиманов во периодот од 1954 до 1961 година се мојот извор од каде што откривам многу убави стари македонски мелодии, вели Ангел
Дека „Колибри“ ги открива вистинските таленти и на своите страници ги испишува нивните големи успеси со гордост потврдуваме и овој пат кога пишуваме за постигнатите резултати во полето на музиката на петнаесетгодишниот Ангел Димитров од Кавадарци. Освен што е првенец на генерацијата по традиционални инструменти во ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“, тој уште еднаш покажа дека со труд и преголема љубов кон традиционалната музика успехот е неизбежен.
– Со својот талент и љубов кон традиционалната музика, Ангел остави траен белег и ќе претставува вистинска инспирација за идните генерации – вели неговиот професор во музичкото училиште Горан Јанев.
Над 60 дипломи за освоени први места
Пред четири години кога Ангел Димитров дојде во неговата класа, тој ни призна дека во неговата 17-годишна педагошка дејност досега не сретнал ваков ученик што толку ја сака музиката и живее за неа. Меѓу другото, Јанев истакнува дека неговата посебност и дарба што ги поседува треба да ги надградува и доколку остане во изворната музика, каде што најмногу се пронаоѓа, може да постигне најдобри резултати. И навистина, неговите предвидувања се остваруваат, а Ангел во својата папка на досега освоени награди има повеќе од 60 дипломи на освоени први места од кои голем број специјални награди со освоени 100 поени од можни 100 и претставува вистинска гордост за своите родители, и за музичкото училиште во кое учеше и за градот Кавадарци.
Средбите со Ангел Димитров секогаш се прекрасни и исполнети со многу музика. Сега тој активно свири 16 инструменти и музиката е негово секојдневие. Првиот инструмент што го поседуваше и на кој научи да свири беше укулеле. Сега свири на тамбура како негова втора љубов, потоа на мандолина, басприм, брач, ќемане – македонски народен инструмент, виолина, кавал, саз, бузуки – шестжичен и осумжичен, ѕурас – грчки инструмент сличен на бузуки или помало бузуки, баглама – грчки инструмент, гитара, бас и тарабука. Најинтересни се приказните што тој ги раскажува за секој инструмент, од каде го набавил, кој го направил, историјата за него и, се разбира, сите можности што ги поседува. Признава дека отсекогаш се дружел со повозрасни од него, најверојатно затоа што постојано сакал да научи нешто повеќе, впивајќи ги нивното знаење и искуство.
И понатаму е истото момче, многу искрен и непосреден со мило и насмеано лице и кротка природа, но сега пораснат бидејќи има полни 15 години. Одговорноста останува една од неговите главни доблести, и понатаму длабински истражува за македонската народна музика, а за традицијата вели дека е негов завет и инспирација.
– За мене Македонија е неисцрпен извор на инспирација и потребно е да се откријат и повторно да се вратат во живот многу прекрасни македонски песни. Јутјуб, Википедија, фолклорниот институт „Марко Цепенков“ и објавените збирки песни на Васил Хаџиманов во периодот од 1954 до 1961 година се мојот извор од каде што откривам многу убави мелодии. Таков е случајот со песната „На сред село“, која е задолжителна за државниот натпревар по хорско пеење. Јас како член на хорот во основното училиште „Тоде Хаџи Тефов“, каде што учев, почнав да истражувам и ја пронајдов оригиналната верзија запишана во збирката соборни песни на Васил Хаџиманов, каде што е наведено дека ова е мелодија од велешкиот крај. Исто така, кога истражував за песните од егејскиот дел на Македонија открив седум-осум прекрасни песни со карактеристичен шеснаесетосмински ритам, кој многу ретко се среќава. Да ги споменам „Ела ќерко да ти кажам“ и „Јано Јановице“, кои датираат дури од византискиот период. Потоа има многу добри песни од Пиринска Македонија, но засега најмногу се задржав на делчевскиот крај, за кој е карактеристичен македонскиот народен инструмент ќемане на три жици. Една таква песна е „Сношти Стојне доведена“, која има многу убав текст и раскажува за животот во тоа време кога е создадена. Сакам да кажам дека покрај мелосот, за мене е многу важен и убавиот текст за песната да биде комплетна – открива Ангел Димитров.
Чалгиската музика – прва љубов
Ангел е член на ЗФГ „Копачка“ од селото Драмче – Делчево, со кој настапува на Меѓународниот фолклорен фестивал во Загреб, каде што се среќава со музичари од целиот Балкан. Таму открива многу интересен мелос на песни од тракискиот дел на Бугарија, потоа преку песната „Хора Букурешти“ на српскиот композитор Љубиша Павковиќ го открива романскиот мелос, следејќи го творештвото на еден познат романски виолинист. По гледањето на филмот „Тома“ започнува да слуша и некои српски песни, а се запознава и со мал дел од албанската музика преку творештвото на Ѓаволин Шани од Албанија. Значајно е да се спомене дека чалгиската музика е негова прва љубов. Тој целосно го познава репертоарот на познатата ваташка чалгија на тајфата Дончевци, а го истражува репертоарот на велешката чалгија, но и на Мирвет Беловска и Живко Фирфов.
Неговата популарност во Кавадарци е уште поголема, затоа што на 15 години има многу јавни настапи и веќе две години редовни свирки со музичката група „Трио гранде плус“. Неговиот интерес за грчката музика започнува кога неговиот татко почнал почесто да ја слуша дома.
Несвесно почнал на тамбурата да ја доловува мелодијата и веќе од април 2023 година почнува да го изучува инструментот бузуки кај професорот Василис Аргириу во Солун, Грција. Задоволен од педагошкиот пристап на професорот Аргириу, Ангел почнува поинтензивно да вежба и на една случајна средба на музичари од Струмица, кои ја практикуваат грчката музика, по само 10 месеци од првиот час самиот предвидува дека е време неговите родители да му купат нов инструмент – професионално осумжичено бузуки.
Од септември, Ангел Димитров ќе го продолжи своето образование во средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип, отсек музичар теоретичар. Во меѓувреме од неговата детска соба излегоа и првите композиции што самиот ги компонираше. Првата е „Балканска рапсодија“ со деветосмински ритам и втората е „Пролет“ во седумосмински ритам. И двете имаат модерен призвук. Но тоа не е сѐ, непланирано и спонтано на една средба кај него со неговите другари од музичкото училиште, Кирил Ристов на тапан и тарабука, Драган Мецанов – тамбура, Филип Стојанов – тарабука и тапан и Дамјан Орешков – тамбура и гитара, ја формираат ВИС „Интрада“, што значи почеток. Ангел Димитров како основач на составот свири на гитара и тамбура со намера да им го пренесе своето искуство на другите членови на групата. Нивниот прв јавен настап се случи на 27 јули на градскиот плоштад во Кавадарци во рамките Кавадаречко културно лето. Нивна цел е љубовта што тие ја имаат кон македонската изворна музика да им ја пренесат на другите нивни врсници, бидејќи сметаат дека само на таков начин можеме да ја зачуваме и негуваме македонската традиционална музика.
































