Јавниот долг под контрола
Податоците упатуваат дека фискалната политика се движи во насока на постепена консолидација, при што задолжувањето се одржува под контролирано ниво, а истовремено продолжуваат инвестициите во развојни проекти.
Јавниот долг се намалува и покрај сервисирањето на еврообврзницатаСпоред најновите податоци на Министерството за финансии, јавниот долг на крајот на вториот квартал од 2026 година изнесува 10,726 милијарди евра, односно 58,8 проценти од бруто-домашниот производ (БДП).
Во споредба со претходниот квартал, јавниот долг е намален за 0,1 процентен поен, односно за 21 милион евра во апсолутен износ. Уште поважно, во однос на крајот на 2024 година јавниот долг е понизок за 2,6 процентни поени, додека во споредба со крајот на 2025 година е намален за 0,6 процентни поени.
Овие бројки добиваат дополнителна тежина ако се има предвид дека во вториот квартал беше исплатен уште еден значителен дел од еврообврзницата издадена во 2020 година, во вкупна вредност од 700 милиони евра. Само во периодот април–јуни беа сервисирани повеќе од 300 милиони евра, додека поголемиот дел од оваа обврска беше отплатен во првиот квартал од годината.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оценува дека јавниот долг успешно се менаџира и дека Владата успеала да ги стави јавните финансии под контрола.
„Јавниот долг во вториот квартал изнесува 58,8 проценти од БДП. Да погледнеме колку изнесувал во 2021 година и колку бил во 2024 година. Ние успеавме да го изменаџираме сето тоа и да ги ставиме работите под контрола. Не е едноставно цело време да се движите со ниво на јавен долг околу 60 проценти од БДП и да се борите да не го надминете тој праг“, истакна министерката во гостување на Македонската телевизија.
И државниот долг продолжува да се намалува
Позитивниот тренд е видлив и кај државниот долг. Според официјалните податоци, заклучно со 30 јуни 2026 година, државниот долг изнесува 9,432 милијарди евра, односно 51,7 проценти од БДП.
Во однос на претходниот месец, државниот долг е намален за 41 милион евра, односно за 0,2 процентни поени, што претставува уште една потврда за постепеното стабилизирање на јавните финансии. Министерството за финансии податоците за јавниот долг ги објавува на квартално ниво, додека состојбата со државниот долг редовно се следи и објавува секој месец, овозможувајќи транспарентен увид во движењата на задолженоста.
Задолжувањето не е проблем ако создава нова вредност
Показателите за намалување на јавниот и државниот долг претставуваат охрабрувачки сигнал дека фискалната политика се движи во насока на поголема стабилност. Во такви услови, напорите на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и економскиот тим за одржување на јавниот долг под психолошката граница од 60 проценти од БДП можат да се оценат како значаен придонес кон зачувување на макроекономската стабилност.
Во исто време, современата економска теорија и практиката на развиените европски економии покажуваат дека задолжувањето само по себе не претставува негативна појава. Клучното прашање не е дали државата се задолжува, туку како ги користи позајмените средства.
Доколку новите задолжувања се насочуваат кон продуктивни капитални инвестиции – изградба на автопати, експресни патишта, железничка инфраструктура, модернизација на здравството, образованието, енергетиката и другите стратешки проекти – тие создаваат предуслови за повисока економска активност, поголема конкурентност и повисок животен стандард.
Во таа насока беше и пораката на министерката, која нагласи дека може да постојат периоди кога јавниот долг привремено ќе ја надмине психолошката граница, но дека тоа не треба да биде причина за загриженост доколку економијата истовремено расте, а средствата се инвестираат во проекти што генерираат нова вредност и долгорочен развој.
































