Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Предлог-законот за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ ќе биде ставен на јавна расправа, со цел, како што рече, да нема никакви сомнежи околу транспарентноста на постапката.

Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Клиничката болница во Битола, Мицкоски изјави дека станува збор за закон кој е изготвен во согласност со препораките и практиките на Европската Унија и претставува еден од клучните услови за реализација на проектот.

 – Го разбирам интересот и реакциите во јавноста, но има сериозни обиди за дезинформирање. Станува збор за фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата“, проект кој започна пред десет години, а за жал досега не беше направено речиси ништо – рече премиерот.

Тој нагласи дека Владата го наследила проектот во состојба во која постоел ризик Скопје да го загуби статусот Европска престолнина на културата.

 – Ги дефиниравме приоритетите, а законот е подготвен според европските стандарди. Тоа не е ништо поразлично од моделите што се применувале во други европски градови, како Хелсинки – истакна Мицкоски.

Премиерот појасни дека законот не се однесува на избор на директор, туку на формирање фондација преку која ќе се реализира проектот, врз основа на таканаречениот „bidbook“, документ подготвен пред неколку години во кој се утврдени програмските активности.

Според него, програмата предвидува реализација на културни настани во текот на 50 дена во 2027 година и во текот на целата 2028 година, додека во 2029 година фондацијата треба да прерасне во јавно претпријатие со директор.

Мицкоски рече дека токму поради потребата од целосна транспарентност, на негово инсистирање законот бил повлечен од собраниска процедура.

 – Нема да дозволам да остане каков било сомнеж во кој било процес. Законот ќе биде ставен на јавна дебата. Иако веќе десет години се доцни со подготовките, ќе направиме сè за проектот да се реализира навреме и Скопје успешно да ја понесе титулата Европска престолнина на културата во 2028 година – изјави премиерот.