Бродски и транспортни компании се подготвуваат да потрошат милијарди евра за изградба на нови пристаништа за да го заобиколат Персискиот Залив

  • Бродските и транспортните компании се подготвуваат да потрошат милијарди евра за изградба на нови пристаништа во близината на устието на водниот пат широк 35 километри. Тие имаат цел да ги заштитат трговските врски со Персискиот Залив така што ќе им овозможат на бродовите да го заобиколат Ормускиот Теснец и порано да го истоварат товарот

По повеќе од четири месеци затворања и напади во Ормускиот Теснец, бродската индустрија конечно прифати дека повеќе не може да се потпира на клучната трговска артерија, пренесуваат светските медиуми. Бродските и транспортните компании се подготвуваат да потрошат милијарди евра за изградба на нови пристаништа во близината на устието на водниот пат широк 35 километри. Тие имаат цел да ги заштитат трговските врски со Персискиот Залив така што ќе им овозможат на бродовите да го заобиколат Ормускиот Теснец и порано да го истоварат товарот. Нови нафтоводи долги стотици километри се планирани за истата цел.
– Ги разгледуваме генерациските нивоа на инвестиции во отпорност, диверзификација и ублажување на ризикот – вели Ричард Мид, главен уредник на „Лојдс лист“, 290-годишното индустриско издание што се смета за бродска библија.
Планирана е изградба на низа нови пристаништа за Индиски Океан, што ќе им овозможи на бродовите да истоваруваат товар во Оман и по должината на источниот брег на ОАЕ.
Оттаму, контејнерите ќе се товарат на камиони и ќе бидат превезени речиси 150 километри низ планините Хаџар и преку Арапската Пустина до Дубаи и Абу Даби. „Копнениот мост“ кон Заливот првпат беше воспоставен на почетокот на војната во Иран, кога бродовите беа принудени да го истоварат својот товар источно од Ормуз. Рутите се сметаа за привремено решение за снабдување на Обединетите Арапски Емирати.

Заканите од Техеран и Вашингтон ја поттикнаа потрагата по решение

Бродовите што влегуваат и излегуваат од водниот пат беа принудени да плаќаат ирански патарини, додека Техеран го смета Ормускиот Теснец за витален адут во преговорите со Вашингтон. Бродските линии стравуваат дека Исламската Република има намера да воведе трајни тарифи, веројатно претставени како такси за навигација и заштита на животната средина, обезбедувајќи нов профитабилен приход и формализирајќи ја својата контрола врз водниот пат.
Неодамнешната закана на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царина од 20 отсто за товарот што минува низ теснецот – или околу 17 милиони долари по танкер за нафта – послужи за дополнително фокусирање на размислувањата, иако предлогот беше брзо напуштен.
Прва реагираше третата најголема линија за товарни контејнери во светот, ЦМА ЦМГ, објавувајќи на 29 јуни дека склучила договор со Оман за изградба на нов терминал за контејнери вреден 400 милиони долари во пристаништето Сохар. Извршниот директор на компанијата Родолф Саде јасно стави до знаење дека објектот делумно ќе му служи на Оман, со што негова крајна цел е да го зајакне новоотворениот копнен мост кон Заливот, што ЦМА ЦМГ го опслужува со флота од 1.000 камиони. Ова се случи само осум месеци откако ЦМА со седиште во Марсеј, Франција, соопшти дека ќе потроши 116 милиони долари за зголемување на капацитетот на својот терминал во Абу Даби за 50 отсто, на 2,7 милиони контејнери годишно.
По објавата на ЦМА ЦМГ, на 8 јули, локалната фирма „Галфтејнер“ откри план вреден две милијарди долари за проширување на капацитетот на пристаништето „Хор Факан“ во емиратот Шарџа од 3,5 милиони контејнери годишно до 10 милиони.
Минатата недела, пак, се појави вест дека пристанишниот гигант „ДП Ворлд“, кој е во сопственост на владата на Дубаи, планира да изгради нов контејнерски терминал во Фуџаира, најголемиот град на ОАЕ на брегот на Индиски Океан (долг 80 километри).

Воспоставувањето мир ги доведува плановите во прашање?

Постојат сомнежи дека планираните инвестиции на бродската индустрија се оправдани. Ларс Јенсен, извршен директор на консултантската компанија „Веспучи Маритим“ и поранешен директор на „Маерск“, втората најголема контејнерска линија во светот, рече дека плановите би биле загрозени ако се воспостави траен мир на Блискиот Исток.
– Додека теснецот е затворен, имате добар бизнис-модел. Но штом протокот ќе се нормализира, зошто би ги користеле овие капацитети кога ќе имате повисоки трошоци. Кога цените на превозот скокнаа до самиот врв за време на пандемијата, немаше крај на разговорите за отпорни синџири на снабдување. Но, кога цените паднаа, тоа беше заборавено – посочува Јенсен.
Тој додава дека илјадниците потребни камиони исто така ќе стојат неактивни во време на мир и дека копнениот транспорт, во секој случај, никогаш не може да ги апсорбира количествата што се носат по море. Еден брод што носи 10.000 десетметарски контејнери би барал 5.000 камиони за истовар – истакна Јенсен.
Нo, заобиколувањето на Oрмуз можеби нема да биде доволно за да се стават линиите за снабдување надвор од дофатот на Иран. Р.С.


САД бараат поддршка за воведување патрола во Ормускиот Теснец

Европејците одбиваат да го поддржат притисокот на САД за создавање заедничка патрола во Ормускиот Теснец сè додека не видат траен прекин на огнот во војната во Иран, пренесува „Политико“. Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, ги повикува Велика Британија и Франција да помогнат во предводење на поморската коалиција. Но дури и со поддршката на британскиот министер за одбрана Вес Стритинг, тој се соочува со скептицизам низ Европа, според четири британски функционери и еден американски функционер.
Хегсет и американскиот претседател Доналд Трамп поминаа месеци критикувајќи ги европските земји за одбивањето да се вклучат во војната во Иран. Но овој напор е најконцентрираниот обид за барање помош од сојузниците, а доаѓа по месеци борби што доведоа до нагло зголемување на цените на горивото, незадоволна јавност во САД и продолжено затворање на теснецот.
Американските и британските функционери имаат цел да свикаат меѓународна конференција во Лондон на која ќе се дефинираат улогите за земјите и ќе се утврди кои воени бродови ќе го штитат цивилниот превоз низ теснецот, кој Иран ефикасно го запре. Но петте функционери предупредија дека напорите не напредувале и дека наскоро не се очекува понатамошен напредок.
Хегсет ја изнел идејата за патрола за време на телефонски разговор со Стритинг во петокот, според еден британски функционер. Изворот на „Политико“ истакнува дека разговорот се фокусирал на тоа како Велика Британија и САД можат да ги здружат сојузниците за да ја поддржат американската идеја, наместо да поддржат напади врз Иран. Стритинг планира да разговара со европските за да координира идна мултинационална мисија во теснецот, според двајца британски функционери. Р.С.