ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ
Површината на шуми погодени од пожари во Амазонија минатата година паднала на најниско ниво во последните 40 години, според годишниот извештај на бразилската иницијатива за мониторинг на животната средина. Во текот на 2025 година пожарите зафатија околу 3,1 милиони хектари шума, што е за околу 80 проценти помалку отколку во 2024 година. Бројот на пожари исто така се намалил на нивото на цел Бразил. Вкупно 12,7 милиони хектари изгореа во 2025 година, во споредба со повеќе од 30 милиони хектари претходната година, кога земјата беше погодена од силна суша.
Во посебен извештај се наведува дека површината под вода во Амазонија се зголемила во текот на 2025 година по две години суша, благодарение на пообилните врнежи од дожд. Водните површини биле за околу 2,6 проценти повисоки од историскиот просек. Научникот Бруно Фереира рече дека закрепнувањето е охрабрувачко, но предупреди дека долгорочната ситуација останува причина за загриженост бидејќи екстремните временски настани во регионот стануваат сè почести. Тој додаде дека климатските промени и промените во користењето на земјиштето влијаат на нивото на водата.
Анализата од последните четири децении покажа дека повеќе од 49 проценти од сите изгорени површини се наоѓаат на приватно земјоделско земјиште, додека околу осум проценти се однесуваат на станбени области. Шумите често се сечат, а расчистеното земјиште потоа се гори за да се претвори во пасишта или земјоделско земјиште, вклучувајќи го и одгледувањето соја. Во периоди на силна суша, таквите пожари можат да се шират неконтролирано. Се истакнува дека пожарите во Бразил може да бидат резултат на природни причини или човечка активност. Сепак, природните пожари се многу поретки во тропските дождовни шуми како Амазонија отколку во другите екосистеми.































