РАКОМЕТ
- Верувам во добра соработка, добро здравје на сите ракометарки и заеднички успеси со кои достојно ќе ја претставуваме Македонија, рече Марковиќ, пренесе РФМ
Црногорецот Игор Марковиќ (44) е именуван за нов селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија, информира Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
– Со големо задоволство го поздравуваме доаѓањето на Игор Марковиќ на селекторската позиција на женската сениорска репрезентација на Македонија. Станува збор за тренер што зад себе има богато играчко и тренерско искуство, а неговите резултати и професионален пристап се потврда за неговите квалитети. Пред нас е исклучително важен период, нѐ очекуваат настапите на Трофеј Македонија, како и подготовките за претстојното Европско првенство. Верувам дека заедно со стручниот штаб и со ракометарките ќе изградат силен и конкурентен тим што достојно ќе ја претставува Македонија на меѓународната сцена. На Игор Марковиќ му посакувам успешна работа, среќа и заеднички да се радуваме на нови успеси на женската сениорска репрезентација на Македонија – изјави претседателот на РФМ, Александар Стефанов, пренесе РФМ.
Неговиот тренерски пристап се темели на дисциплина, посветеност, цврста одбрана, тимски дух и развој на победнички менталитет, квалитети што му донесоа значајни резултати и меѓународна афирмација, пишува РФМ. За сениорската репрезентација на Црна Гора настапувал од 2007 до 2018 година, учествувал на Светското првенство во 2013 година и на Европското првенство во 2014 година. Долго време беше рекордер според бројот на официјални настапи за националниот тим и се вбројува меѓу најдобрите стрелци во историјата на црногорската репрезентација, а четири години по ред (од 2010 до 2013 година) бил прогласуван за најдобар ракометар на Црна Гора.
По завршувањето на играчката кариера во 2022 година, Марковиќ се посветува на тренерската работа, прво со младинската, а потоа со сениорската репрезентација на Црна Гора. Во 2024 година Марковиќ ја предводи Црна Гора на СП во Скопје, а истата година е ангажиран за помошник-тренер во романски Рапид Букурешт. Во клубот, кој настапува во Лигата на шампионите, Марковиќ работел со врвни европски ракометарки, стекнувајќи драгоцено тренерско искуство. Најголемиот успех во селекторската кариера го остварил во 2026 година, кога на женското СП (до 20 години) во Кина го освоил историското петто место.
– Чест и големо задоволство ми е што ја добив довербата да бидам селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија. Се надевам дека со посветена работа, максимална пожртвуваност и заеднички труд ќе успееме од ден на ден да бидеме сѐ подобри. Пред нас е ЕП, а претходно нѐ очекува подготвителен период во кој ќе работиме напорно за да изградиме силен тим. Верувам во добра соработка, добро здравје на сите ракометарки и заеднички успеси со кои достојно ќе ја претставуваме Македонија – рече Марковиќ, пренесе РФМ. Г.И.
РАКОМЕТ
Македонија денеска го почнува младинското ЕП со мечот со Словенија
Машката репрезентација на Македонија за ракометари до 18 години од денеска ќе игра на Европското првенство (ЕП) во Белград (Србија), на кое ќе играат 24 селекции. Македонските ракометни надежи, предводени од селекторот Горан Кузмановски, се во групата А, во која црвено-жолтите денеска ќе се сретнат со Словенија, утре со Франција и в сабота со Шведска, а сите натпревари се од 12 часот. Пред ЕП, македонската кадетска репрезентација одигра два контролни меча со Грција, на кои забележа победи со 31-29 и со 26-20. Селекцијата на Шведска ја освои титулата на ЕП 2024 во Црна Гора. Г.И.
































