Фото: МИА

Седум лица со потврдена западнонилска треска во моментов се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, а еден од пациентите е во тешка здравствена состојба и се наоѓа на респираторна поддршка, информира директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана.

Станува збор за 76-годишен жител на Скопје, кој веќе една недела е сместен на Одделот за интензивна нега. Според д-р Цана, пациентот не патувал надвор од државата пред да се зарази.

Останатите шест хоспитализирани пациенти се постари од 60 години и се во стабилна здравствена состојба. Само еден од нив претходно престојувал во Грција, додека останатите не патувале надвор од земјата.

 – Кај сите хоспитализирани е дијагностицирано вирусно воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Симптомите вклучуваат висока температура, силна главоболка, дезориентираност и нарушена свест – изјави д-р Цана за МИА.

Според него, сите пациенти се заразиле по убод од инфициран комарец. Инкубацискиот период на вирусот најчесто трае од три до 14 дена по каснувањето, а кај најголем дел од заразените инфекцијата поминува без симптоми или со лесна клиничка слика.

Здравствените власти апелираат граѓаните да преземаат мерки за заштита од убоди од комарци, особено повозрасните лица и оние со хронични заболувања, кај кои ризикот од потешка форма на болеста е поголем.