Фото: Маја Јаневска Илиева

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против четири лица кај кои во текот на викендот биле пронајдени поголеми количества наркотична дрога. Осомничените се товарат за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Во првиот случај, истрагата опфаќа татко (50) и неговиот 19-годишен син, кај кои при претрес во семејниот дом на улицата „Македонско-косовска бригада“ биле пронајдени околу пет килограми марихуана, спакувани во повеќе пакувања и подготвени за понатамошна продажба. Полицијата запленила и три дигитални ваги со траги од наркотична дрога.

Под истрага е и 25-годишен жител на Арачиново, кај кого при претрес биле пронајдени околу 1,8 килограми марихуана распоредена во десет пакувања, како и дигитална вага, за кои постои сомнение дека биле користени за подготовка и продажба на дрогата.

Во посебен предмет, обвинителството гони и 23-годишен жител на скопската населба Аеродром. Во напуштена подрумска просторија на булеварот АСНОМ, која ја користел осомничениот, биле пронајдени околу 640 грама амфетамин, 541 жолта таблета, 0,15 грама 3,4-метилен-диоксиметамфетамин (MDMA), како и 69 перфорирани картончиња со траги од ЛСД. На местото биле откриени и дигитални ваги и други предмети со остатоци од психотропни супстанции, кокаин и канабис.

За сите четворица осомничени, надлежниот јавен обвинител доставил предлог до судот за определување мерка притвор.