Фото: Пиксабеј

Полицијата во Хамбург ќе воведе засилени безбедносни мерки за претстојните настани по повод Парадата на гордоста, што ќе се одржат викендов, по смртоносниот напад на слична манифестација во Берлин.

Портпарол на полицијата денеска соопшти дека ќе биде зголемен бројот на полициски службеници ангажирани за главната парада, која е закажана за сабота, без да открие колку припадници ќе бидат распоредени.

-Без разлика дали пред, за време или по парадата, ќе имаме силно полициско присуство и ќе бидеме достапни за сите учесници – изјави портпаролот.

Според организаторите, на Парадата на гордоста во Хамбург, која се одржува во рамки на манифестацијата „Кристофер Стрит Деј“ (CSD), се очекува да присуствуваат околу 250.000 луѓе.

Од полицијата посочија дека во моментов нема конкретни разузнавачки информации за непосредна закана поврзана со настаните во Хамбург, но нагласија дека поради генерално високото ниво на безбедносен ризик во Германија, сите служби остануваат во состојба на зголемена подготвеност.

Во рамки на безбедносниот план ќе бидат применети веќе воспоставените мерки, меѓу кои обезбедување на трасата на движење и поставување физички бариери за да се спречи евентуално влетување на возила во толпата.

-Полицијата цврсто стои покрај квир-заедницата и ќе направи сè што е потребно за Парадата на гордоста и сите настани во рамки на Неделата на гордоста да се одржат безбедно – изјави портпаролот.

Одлуката за засилување на мерките следува по нападот што се случи во саботата во Берлин, кога едно лице загина, а 29 лица беа повредени откако осомничениот со комбе влета во толпа луѓе за време на прославата на „Кристофер Стрит Деј“. Според германските медиуми, напаѓачот потоа нападнал дел од присутните со мачета и побегнал, по што беше спроведена целодневна потера која заврши кога полицијата го застрела осомничениот.