Просториите што ги користи културно-уметничкото друштво „Српски вез“ во Куманово се оштетени, а на ѕидовите биле испишани графити, меѓу кои и натписот „УЧК“.
Случајот е пријавен во СВР Куманово, од каде информираат дека е извршен увид и се преземаат мерки за негово целосно расчистување.
Министерот за локална самоуправа и претседател на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ), Иван Стоиљковиќ, преку објава на социјалните мрежи го осуди инцидентот, оценувајќи дека станува збор за вандализам. Тој наведе дека испишувањето на графитите го поврзува со, како што посочи, „ксенофобија и шовинизам кон српската заедница“.
Стоиљковиќ истакна дека во просториите на КУД „Српски вез“ со фолклор активно се занимаваат повеќе од 200 деца и побара надлежните институции и јавноста најостро да го осудат и санкционираат инцидентот.
Од СВР Куманово потврдија дека случајот е пријавен и дека полицијата работи на утврдување на сите околности.
– Настанот е пријавен во СВР Куманово, извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот – соопштија од полицијата.































