Фото: ЕПА

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ПО РЕКОРДНАТА ПЕТТА ТИТУЛА НА ТУР ДЕ ФРАНС

  • Седум учества, седум подиуми и пет победи, тоа е нешто што можеби не би го напишале ниту во книга со приказни, а тоа е неверојатно за мене, изјави Погачар по рекордната петта титула на Тур де Франс, со која се израмни со Анкетил, Ино, Меркс и со Индураин

Словенецот Тадеј Погачар (27) им се придружи на Французите Жак Анкетил и Бернар Ино, Белгиецот Еди Меркс и на Шпанецот Мигел Индураин како најуспешни велосипедист со по пет титули на грантур-трката Тур де Франс. Погачар вели дека неговата извонредна реалност се покажува почудна од фикцијата, опишувајќи ја како „нешто што можеби не би го напишале ниту во книга со приказни“, пишува „Би-би-си“.
Последната етапа од тринеделната трка на Тур де Франс годинава ја освои Холанѓанецот Матје ван дер Пул по френетичниот напад кон целта на познатата калдрма во француската престолнина, во која за неколку сантиметри го надмина својот колега, Белгиецот Јаспер Филипсен. Победата на Погачар значи дека многумина го позиционираат како најголем велосипедист на сите времиња, надминувајќи ги достигнувањата и статусот на белгиската легенда Меркс, пишува „Би-би-си“.
Ова е, исто така, трета победа во низа на Погачар на Тур де Франс и вклучува рекордно искачување на познатиот Алп д’Ез во 19. етапата, кога тој запечати уште една доминантна победа, во која ги искористи својот експлозивен старт и неспоредливото метрономско темпо за да ги победи своите ривали, кои веќе некое време практично немаат одговор, пишува „Би-би-си“.

Погачар победил на речиси секоја голема трка, вклучувајќи ги трката околу Фландрија, Џиро д’Италија, Милано-Сан Ремо, светските првенства на друмски патеки, Џиро ди Ломбардија и Лиеж-Бастон-Лиеж, и тој сега има вкупно 127 победи во осумгодишната елитна професионална кариера.
Второто место годинава на Тур де Франс му припадна на Белгиецот Ремко Евенепул (плус шест минути и 26 секунди), а трет е Мексиканецот Исак дел Торо (плус девет минути и 42 секунди).
– Победата е навистина посебна. Благодарам на сите навивачи и на мојот тим. Но најголемата благодарност оди до целото мое семејство, кое ме поддржува целиот мој живот. Моите родители, без нив немаше да стојам тука веќе пет пати. Седум учества на Тур де Франс, седум пати на подиумот и пет победи, тоа е нешто што можеби не би го напишале ниту во книга со приказни, а тоа е неверојатно за мене. Тоа е величествен подиум, со некои неверојатни шампиони со кои може да се борите. Штета што Јонас испадна овој пат, а и многу други. Се надевам дека ќе имаат брзо закрепнување и следната година повторно ќе се бориме – изјави Погачар, пренесе „Би-би-си“. Г.И.


НАЈМНОГУ ТИТУЛИ НА ТУР ДЕ ФРАНС

ВЕЛОСИПЕДИСТ (ЗЕМЈА) ГОДИНИ
Жак Анкетил (Франција) 1957, 1961, 1962, 1963, 1964
Еди Меркс (Белгија) 1969, 1970, 1971, 1972, 1974
Бернард Ино (Франција) 1978, 1979, 1981, 1982, 1985
Мигел Индураин (Шпанија) 1991, 1992, 1993, 1994, 1995
Тадеј Погачар (Словенија) 2020, 2021, 2024, 2025, 2026
Крис Фрум (В. Британија) 2013, 2015, 2016, 2017
Филип Тис (Белгија) 1913, 1914, 1920
Луисон Бобе (Франција) 1953, 1954, 1955
Грег Лемонд (САД) 1986, 1989, 1990