НАЈПОПУЛАРНАТА ПАРТИЈА ВО ГЕРМАНИЈА АФД СО РАЗЛИЧНА ПЕРЦЕПЦИЈА ЗА РУСИЈА ОД ОФИЦИЈАЛЕН БЕРЛИН
Деновиве како „бомба“ одекна во германската јавност изјавата во јавноста на Тино Крупала, копретседател на опозициската партија Алтернатива за Германија (АфД). Имено, Крупала во нови и актуелни околности ги повтори зборовите на Вили Брант, германски канцелар од 1969 до 1974 година, по повод потпишувањето на Московскиот договор во 1970 година.
– Европа не завршува на Елба или на источната граница на Полска. Русија е неразделно испреплетена со европската историја – рече Крупала на заедничка прес-конференција со неговата колешка од АфД, Алис Вајдел.
Споменатиот политичар исто така потсети на зборовите на Брант дека „Русија ѝ е партнер на Европа на многу начини: историски, политички, културни и економски“.
Крупала нагласи дека „германскиот народ не сака војна – а особено не војна против Русија“!
Лидерката на АфД, пак, изјави дека „Германија треба да го прекине бојкотот на руската нафта и гас“
Втора политички мошне интересна изјава во јавноста во Германија беше и онаа на лидерката на Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел.
Имено, таа рече дека „Германија треба да го прекине бојкотот на руската нафта и гас“ и дека „евтината енергија од Русија е клучна за силата на германската индустрија“!
Во интервју за западните медиуми, Вајдел оцени дека „прекинувањето на енергетските врски со Русија по воведувањето на санкциите во 2022 година ја уназади Германија за наредните години“ и дека тоа довело до губење стотици илјади работни места, како и до зголемена зависност од поскапи извори на енергија.
Таа рече дека „евтината енергија“ треба повторно да биде достапна за Германија и ја критикуваше зависноста од САД како поскап снабдувач на енергија. Д.П.
АФД СИЛНО ГИ КРИТИКУВА МЕРЦ И КОАЛИЦИЈАТА
„Го оставивте вашиот патриотизам во Киев, тие имаат милијарди, Германците ни цент“
Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија (ЦДУ/ЦСУ), дел од десничарската коалиција, го оставија својот патриотизам во Киев, рече Маркус Фронмаер, пратеник во Бундестагот од опозициската партија Алтернатива за Германија (АфД).
– Не знам каде ја оставивте вашата љубов кон вашата татковина. Можеби во Киев. Можеби на украинските радари. Но не држете ни предавања за патриотизам, бидејќи го немате – рече Фронмаер на седницата на Бундестагот, одговарајќи на прашање од пратеник на ЦДУ/ЦСУ.
Фронмаер, исто така, објасни дека ако Германија секогаш наоѓа милијарди евра за другите, а не издвојува ниту еден цент за своите пензионери, воен персонал и семејства, тогаш не работи во интерес на Германците. Д.П.
Сериозно разнишана позицијата на германскиот канцелар
Поддршката за Мерц падна на 15 проценти
- Опозицијата бара оставка по примерот на британскиот премиер Кир Стармер, кој се повлече од функцијата премиер на Британија со 19 проценти поддршка
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги отфрли повиците на опозицијата да го следи примерот на британскиот премиер Кир Стармер, да поднесе оставка поради рекордно ниските рејтинзи кај германските гласачи.
Лајф-Ерик Холм, пратеник од опозициската десничарска Алтернатива за Германија (АфД), потсети за време на говорот на Мерц во Бундестагот пред некој ден дека рејтингот на канцеларот Мерц кај граѓаните паднал на рекордно ниско ниво од 16 проценти. Потоа тој го даде примерот со Кир Стармер, кој неодамна поднесе оставка поради падот на неговиот рејтинг на 19 проценти.
– Граѓаните повеќе не ви веруваат. Не е ли време конечно да ѝ се стави крај на оваа срамота – праша Холм.
Мерц одговори со изјавата дека има намера да продолжи како канцелар на Германија.
– Драг колега, пред вас ги гледате коалицијата и федералната влада што ја предводам, кои се решени да ги решат проблемите на нашата земја. Го правиме тоа чекор по чекор – дури и ако не ви се допаѓа – рече Мерц.
Притоа, тој повторно ја отфрли можноста за соработка со АфД.
Според „Билд“, рејтингот на Мерц е уште понизок
Весникот „Билд“ повикувајќи се на студија на социолошкиот институт ИНСА, објави дека незадоволството од канцеларот Мерц кај германската јавност достигна ново рекордно ниско ниво. Според анкетата, само 15 отсто од Германците се задоволни од неговата работа.
Мерц во трка со времето, неговиот политички „брод“ во Бундестагот тоне сè подлабоко
Германскиот канцелар Фридрих Мерц се соочува со растечки притисок да покаже резултати што е можно поскоро, додека Алтернатива за Германија (АфД) бележи зголемен рејтинг, а довербата на граѓаните во владејачката коалиција продолжува да опаѓа.
Мерц и лидерите на коалицијата составена од демохристијаните и социјалдемократите ветија дека ќе постигнат договор во наредните недели за серија долгоодложувани реформи, вклучувајќи промени во даночниот систем, пензиското осигурување и системите за долгорочна нега. Целта е владата до септември да покаже дека е способна да ги реши клучните проблеми на земјата, пред изборите во две источногермански покраини, каде што АфД има значително водство според анкетите.
– Времето истекува – им рече Мерц на пратениците во Бундестагот, оценувајќи дека сегашниот состав на парламентот мора да „ги обнови темелите на земјата“ за да може Германија да одговори на предизвиците во наредните години.
Зборувајќи пред членовите на ЦДУ во Мекленбург-Западна Померанија, Мерц предупреди дека неуспехот на владата може да доведе до понатамошни изборни успеси за АфД.
– Многу повеќе е во прашање од иднината на една влада. Прашањето е дали политичкиот центар на нашата земја сè уште има сила, волја и способност да ги реши проблемите со кои се соочуваме – рече канцеларот.
Неговите предупредувања доаѓаат во време кога АфД забележува раст на поддршката не само во источните покраини туку и на национално ниво. Според аналитичарите, владата е во една од најслабите позиции во поновата германска политичка историја, бидејќи се обидува да спроведе некои од најамбициозните реформи во последните децении.
Високите цени на енергијата и деиндустријализацијата доведоа до нивоа во Германија какви што не се видени од глобалната финансиска криза во 2008 година
Дополнителен проблем за Мерц е состојбата на германската економија. Високите цени на енергијата, слабеењето на индустриското производство и растечката загриженост за деиндустријализацијата доведоа до нивоа на економска неизвесност какви што не се видени од глобалната финансиска криза во 2008 година.
Иако владата најавува даночни олеснувања за граѓаните со ниски и средни приходи, како и реформи во пензискиот систем, некои од коалициските партнери предупредуваат дека е малку веројатно сите планови да бидат спроведени пред летниот одмор на Бундестагот.
Градоначалникот на Бремен од СПД, Андреас Бовеншулте, оцени дека е тешко да се очекува реформите во даноците, здравството, пензиите, енергетиката и пазарот на трудот да бидат спроведени истовремено до јули, објавува „Политико“.
Голем проблем и со пензискиот систем
Особено чувствително прашање останува реформата на пензискиот систем: експертите предупредуваат дека неговата долгорочна стабилизација може да бара зголемување на возраста за пензионирање и намалување на одредени бенефиции, што може дополнително да ја поткопа популарноста на владата. АфД ја гради својата политичка кампања токму на тие теми – копретседателката на партијата Алис Вајдел ја обвини владата дека бара од граѓаните повисоки придонеси, подолг работен век и нови жртви, а во исто време, како што тврди, им дава предност на мигрантите.
Во обид да одговори на растечкиот песимизам во општеството, Мерц посегна по една од најпознатите политички пораки на Ангела Меркел за време на викендот.
– Можеме да го направиме тоа – рече канцеларот, користејќи го слоганот што Меркел го прослави за време на мигрантската криза во 2015 година.
Тој потег го привлече вниманието на германската јавност, бидејќи Мерц со години ја критикуваше мигрантската политика на својата претходничка, тврдејќи дека таа придонела за подемот на АфД.
Сепак, соочен со растечкото незадоволство кај гласачите, германскиот канцелар сега се обидува да ги врати оптимизмот и довербата во политичкиот центар, предупредувајќи дека времето истекува. Засега, тешко му успева тоа.
Автор: Доне Прентоски, соработник на „Нова Македонија“ од Германија
































