Премиерот Христијан Мицкоски порача дека граѓаните немаат причина за загриженост, истакнувајќи дека Владата ќе продолжи да води политика со која Македонија ќе остане земја со најниски цени на бензините и дизел горивото во регионот, пренесе МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните работи на клучката кај Момин Поток, Мицкоски изјави дека Владата внимателно ги следи движењата на цената на нафтата на светските пазари и дека, доколку биде потребно, ќе преземе соодветни мерки.
-Ја следиме состојбата со нафтата на светските пазари и сè уште остануваме земја со убедливо најниски цени на бензините и дизел горивото во регионот. Доколку биде потребно, ќе реагираме како што реагиравме и досега, иако станува збор за берзански производи чии цени зависат од движењата на светските пазари, а не од тоа дали некој е подобар претприемач или подобар политичар – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека сите земји во регионот горивата ги набавуваат под исти пазарни услови, но нагласи дека Македонија и понатаму има најниски малопродажни цени.
-Таа политика ќе продолжиме да ја водиме и во периодот што следи и ќе реагираме доколку се појави потреба – порача премиерот.
































